Зоран Поповски...Од Ролан Гарос, преку Вимблдон, до Рио - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Зоран Поповски…Од Ролан Гарос, преку Вимблдон, до Рио

Зоран Поповски…Од Ролан Гарос, преку Вимблдон, до Рио

Многумина љубители на спортот и не знаат дека Македонија има меѓународен тениски судија, човек кој за овие изминати 20 години, колку што е на тениските терени, има судено на околу 30 гренслем турнири, кој им има судено на светските асови предводени од Ѓоковиќ, Федерер, Надал, Мареј, Нишикори. Човек, кој целиот свој живот го има посветено на тенисот, го има прошетано целиот свет, нема континент на кој не судел. За жал, кога при крајот на секоја година се делат разни признанија за најуспешните судии, него некако го забораваат иако е меѓу најдобрите, нема кој или некој не сака да го предложи.

Скопјанецот Зоран Поповски го вбројуваат во елитната група на линиски судии во светот, за што најдобро говори и поканата уште од пред два месеци, со испратени авионски билети, да суди на олимпискиот тениски турнир во Рио де Жанеиро. Ќе биде дел од малубројната македонска спортска експедиција на најголемата спортска приредба на светот.

Го сретнавме дента по враќањето од Париз каде судеше на гренслем турнирот на Ролан Гарос, се уште полн со впечатоци од дождот и победата на Новак Ѓоковиќ.

„Без оглед што не учествуваше Федерер и што Надал се повлече, турнирот беше мошне силен и интересен. Сите комплименти за Ѓоковиќ, толку го посакуваше овој трофеј кој му недостасуваше во неговата богата колекција на пехари. Да бидам искрен и јас ја посакував неговата победа, ја заслужи. Беше задоволство да се гледа колку се радуваше по победата над Мареј заедно со него и многубројните гледачи, а што да ви кажам за момчињата и девојчиња, собирачи на топките. Тие го обожаваат“, вели Зоран Поповски.

Djoko & Zoran Basel-2011

– Какво е Вашето мислење за Новак, многупати му имате судено?

„Новак е неверојатно стабилен и како човек и како спортист. Фокусиран е на тоа што го работи, самите резултати тоа го покажуваат. Сега нема кој да го загрози на врвот, не верувам дека Мареј, со кого е најдобар пријател, или било кој друг ќе може ниту сега ниту во блиска иднина да го надмине на светската ранг листа, иако има доста млади тенисери кои ветуваат, како Тием, Гофан…“

– Гледаме, повторно се подготвувате за пат, која е сега вашата нова дестинација?

„Годинава судев на турнирите во Ротердам, Доха, Штутгарт како линиски судија, минав и три недели како главен судија на неколку турнири во Грција. За два дена патувам на турнирот во Хале, потоа во Лондон на Вимблдон, ќе судам во Базел и во Луксембург, и потоа на Олимпијадата во Рио. Тоа ќе биде мојата трета Олимпијада, судев во Атина и во Лондон. Да судиш на Олимпијада, тоа е нешто што треба да се доживее, да бидеш во друштво со најдобрите спортисти на светот, не само со тенисерите“, раскажува Зоран Поповски, и продолжува.

„Последниве две години ми е потешко да патувам, имам пропуштено повеќе турнири поради семејни обврски. Годинава Мадрид, Рим, Монте Карло. Со сопругата имаме две близначиња, има многу работа околу нив, но благодарејќи на помошта на родителите, со добра организација некако се снаоѓаме.“

FEDERER ZORAN POPOVSKI

– Кој е Вашиот најомилен турнир ?

„Најомилен ми е Австралија Опен, некако во Мелбурн се чуствувам како дома. Има многу нашинци, постојано ме викаат на гости, иако немам многу слободно време. Судев и на последните четири турнири (АТП Шампионат) на крајот на годината на кои учествуваат осумте најдобри тенисери на светот. Судев и на финалните мечеви на Вимблдон, на Австралија Опен, на УС Опен и во машка и во женска конкуренција.“

– Колку е тешко да бидеш линиски судија?

„Дури и потешко од главниот, кој зависи за некои спорни топки од линиските. Потребно е да имаш добро око, што се вели ’соколово’, добра концентрација, да бидеш смирен и постојан во одлуките што ги носиш. Грешките не се дозволени, од нив може да зависи судбината на мечот“, заврши македонскиот тениски судија кој е редовен учесник на гранслем турнирите“, заврши македонскиот тениски судија кој е дел од светската тениска елита.

Зоран Поповски е вистински вљубеник во тенисот, кој денес е негова животна егзистенција. Можеби звучи неверојатно, но вистинито. Тој е дипломиран електроинженер, но во својата струка нема ниту ден работен стаж. Живее од тенисот, од судењето. Како што вели, може пристојно да се живее…

М.Мицковиќ

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.