Во 2017 поставен сериозен темел - пласман на ЕП следна цел! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Во 2017 поставен сериозен темел – пласман на ЕП следна цел!

Во 2017 поставен сериозен темел – пласман на ЕП следна цел!

Сениорската репрезентација на Македонија зад себе ја остава најдобрата година во историјата на македонскиот фудбал. 2017-та без сомнение ќе остане запаметена како една од најуспешните за мак-фудбалот, почнувајќи преку првото учество на една наша селекција на Европско првенство, организацијата на УЕФА Суперкупот, пласманите на младинските селекции за фудбалери до 17 и до 19 години во елитни квалификации на УЕФА, па се до партиципацијата на Вардар во Лигата на Европа, за првпат во историјата на клупскиот фудбал.

Секако, меѓу сето тоа, централното внимание на комплетната фудбалска јавност главно секогаш е насочено кон А репрезентацијата… За среќа, а за разлика од многу претходни години, сениорскиот состав предводен од Игор Ангеловски во 2017 година остава квалитетна година. Година како сериозен темел за она вистинското што го очекува секој љубител на домашниот фудбал, конечно и пласман на завршница од континентално натпреварување.

Igor Angelovski

Сумирајќи ги впечатоците за годината, се издвојуваат неколку показатели кои повеќе од објективно говорат за одличната работа која зад себе ја остава Ангеловски а како добар патоказ за престојната 2018 година…

  • Македонската репрезентација 2017 година ја заврши на 76. место на ФИФА ранг листата, напредувајќи 86 позиции за 12 месеци, што е најголем скок на една селекција од светот во тековната година.
  • Македонија е на четвртото место со напредок по број на освоени рејтинг поени во годината. Со 308 нови рејтинг поени, Македонија е единствено зад Данска (+456), Шведска (+323) и Боливија (+315).
  • Убедливо најдобар резултатски ефект во една тековна година во историјата. Од одиграни 9 натпревари, завршивме со 5 победи, 3 ремија и само еден пораз, од Шпанија во Скопје со 1-2.
  • Прва гостинска победа во 25-годишната фудбалска независност против репрезентација која е меѓу најдобрите 70 на ФИФА листата. Триумф против Израел (0-1) во Хаифа.
  • За првпат во една година постигнат барем еден гол на сите одиграни квалификациски натпревари, против Лихтенштан (дома и гости), Шпанија, Израел, Албанија и Италија.
  • Завршена календарска година со позитивна гол-разлика. Постигнати 16 гола, а примени само четири.
  • Интересно… По цели 15 години, Македонија ја запишува една од најубедливите победи во својата историја. Триумфот над Лихтенштајн од 4-0 доаѓа по пауза од 15 години. Последниот ист или поубедлив триумф Македонија го запишала во август 2002 година, славејќи на пријателски дуел против Малта во Скопје со 5-0.
  • Триумфот над Лихтенштајн (4-0) е четврти најубедлив триумф во историјата на сениорскиот фудбал. Пред овој триумф се единствено гостинската победа над Лихтенштајн (1-11) од 1996 година, и победите на пријателски дуели, против Малта (5-0) од август 2002 година и против Албанија (5-1) од мај 1994 година. Потоа следат Малта (4-0) од 1998 година, па победата (1-4) во првиот историски натпревар на Македонија против Словенија во Крањ. 

Но, сето ова е само основа на тоа што реално во следнава година треба да биде цел за ФФМ, Игор Ангеловски и македонската репрезентација.

Makedonija radost 2

Во 2018 година Македонија ја очекува настапот и во новоформираната Лига на нации преку која се отвора полесниот пат за пласман на Европско првенство. Композицијата која во втората половина од годината што изминува одлично ја состави Ангеловски, предводена од Пандев, дополнета со помладата генерација на Барди, Алиоски, Николов, Велковски, Муслиу, Радески а, на крајот, заокружена со Несторовски, Ристовски, Трајковски, Хасани, Димитриевски… и повеќе од значајното враќање на Аријан Адеми, без условно нуди повеќе од сериозна можност за конечно високо поставување на амбициите за пласман на завршница од Европско првенство. Македонскиот фудбал потврди дека сега веќе може и мора да стигне до оваа граница!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.