Вардарова година - за век и векови! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Вардарова година – за век и векови!

Вардарова година – за век и векови!

Според кинескиот календар 2017 година беше годината на огнениот петел, но, според македонскиот – таа дефинитивно е годината на Вардар. Успесите што „црвено-црното“ семејство ги направи ќе се паметат – вечно!

Ракометарите на Вардар станаа европски клупски прваци, кревајќи го трофејот во Лигата на шампионите, фудбалерите стигнаа до групната фаза во Лигата на Европа, а ракометарките играа во финалето на ЛШ. Навистина, неверојатни успеси, на кои се радуваше цела Македонија.

Vardar slavje

РК ВАРДАР НА КРОВОТ НА ЕВРОПА

Предводено од „Ел Команданте“ Раул Гонзалес, ракометарите на Вардар се пласираа на завршниот Ф4 турнир од Лигата на шампионите во Келн. Заминаа мирно, со притајни желби да го дадат својот максимум и да ги изненадат фаворитите, а се вратија еуфорично, носејќи го големиот европски пехар во Скопје. Ја ’полудеа’ Македонија со своите успеси, ги доведоа фановите на работ на нервите, со неверојатно неизвесните завршници во полуфиналниот меч против Барселона. Циндриќ во последната секунда постигна гол за триумф (26-25).

Во финалето, РК Вардар се исправи пред најмоќниот ракометен колектив во светот, Пари Сен Жермен, и со лавовска игра докажа дека срцето секогаш ги победува парите. Иван Чупиќ го постигна победничкиот гол во големото финале (24-23) за делириум низ цела Македонија. По големиот успех, „вардарци“ како големи херои беа пречекани на плоштадот во Скопје, а повеќе од 100.000 фанови излегоа да ги поздрават.

ФК ВАРДАР СО ИСТОРИСКИ ПОДВИГ, ПЛАСМАН ВО ГРУПИТЕ ОД ЛИГА ЕВРОПА

Цела деценија ниту еден македонски првак немаше „мрднато“ на европски план, губеше во првото квалификациско коло од ЛШ. Вардар ја освои десеттата шампионска круна, а потоа тргна во освојување на Европа. Имаше сомнежи, како и секогаш, но фудбалерите и тогашниот тренер Гоце Седлоски веруваа во себе. Го елиминираа шведскиот Малме (1-1, 3-1) , демонстрирајќи одлична игра на реваншот во Струмица.

vardar slavi so fener

Следуваше дуел со Копенхаген, кого Вардар го победи во Скопје со 1-0, но во Данска загуби со 4-1, по што следуваше елиминација од најелитното фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите.

Но, македонскиот фудбалски првак ги продолжи настапите во баражот за пласман во Лигата на Европа, а за противник го доби турскиот гигант Фенербахче. Иако пред овој двомеч беше огромен аутсајдер, сепак, направи сензација.

fener vardar slavje

Дојде до промена на кормилото на Вардар, на местото на Гоце Седлоски на тренерската клупа седна Чедомир Јаневски. Вардар во Скопје го „тресна“ Фенербахче со 2-0, со голот на Тигран Барсегјан, и со автоголот на Топал.

На реваншот во Истанбул, Фенербахче поведе со погодокот на Нојштетер, но Џамбул Џигаури и Никола Глигоров донесоа историски триумф, и пласман во групите од Лигата на Европа.

Во друштво на Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг, вардарци успеаја да остварат едно реми (против Розенборг дома, 1-1) и пет убедливи порази.

ЖРК ВАРДАР ВО ФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

За ракометарките на ЖРК Вардар се случи ’четврта среќа’ во Будимпешта. Лекиќ, Пенезиќ, Радичевиќ и останатите „црвено-црни“ девојки три пати потклекнуваа во полуфиналната пресметка на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Будимпешта, но во 2017 година се пласираа во големото финале.

Вардарки го земаа скалпот на актуелниот првак ЧСМ Букурешт славејќи со 38-33 и за првпат изборија пласман во финалната пресметка за најпосакуваниот пехар. Таму ги чекаше Ѓер, тимот кој игра пред своја публика во Будимпешта, и секако од тој агол има голема предност во однос на другите ривали.

VARDAR GJER LEKIC

ЖРК Вардар се бореше лавовски и во финалето, имаше и напад за триумф, но регуларниот дел заврши без победник (26-26). Лекиќ имаше шут за победа, но, за жал, не беше ефикасна како Циндриќ или Чупиќ…

Во продолженијата, Ѓер во супердраматична завршница на крајот успеа да слави 31-30. За вардарки останаа солзите, но и фактот дека го остварија најголемиот успех во историјата на клубот, пласман во финалето на Лигата на шампионите.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.