ТАЈМАУТ: Нова сезона, стара приказна од МЗТ - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ТАЈМАУТ: Нова сезона, стара приказна од МЗТ

Стеван Цаневски

МЗТ Скопје и сезонава ќе води тешка битка за опстанок во АБА-лигата, додека во домашното првенство има сериозен ривал за симнувањео од тронот на мак-баскетот. Само што, „металците“ и лани освојуваа трофеи дома и играа топло-ладно во регионот (повеќе ладно отколку топло), но од натпревар во натпревар, од месец во месец се повеќе губеа на имиџ и популарност.

Сезонава требаше да биде поинаква, па Александар Тодоров на својата воведна прес-конференција на 16 јуни најави план со четири точки.

  1. Да составиме екипа каде основата ќе биде од македонски играчи.
  2. Да го вратиме најсилниот играч на МЗТ Скопје – Фемили Аеродром на трибините.
  3. Да составиме екипа околу мене составена од поранешни кошаркари и функционери на клубот.
  4. Целосна реконтрукција и реорганизација на младинската школа на клубот, за во иднина клубот да може да црпи играчи.

Неполни шест месеци подоцна, реалната ситуација е речиси дијаметрално спротивна од тогашните најави на сега веќе екс-тренерот на МЗТ.

kk mzt- kkrabotnickiii 06.12 (17)

1.Ростерот на почетокот од сезоната беше базиран на Македонци, но како што минуваа деновите, така се намалуваше бројот на домашни играчи. Први си заминаа најмладите Мамузиќ и Митев, по нив и Мекиќ и Стајиќ, за на крајот да се остане на Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Игор Пенов и Бојан Трајковски, засилени со Дарко Соколов. Да не го заборавиме и Маслинко, кој речиси и да не добиваше шанса во досегашниот дел од сезонава. Премалку за тим што треба да има „македонски шарм“.

2. Една од работите во кои управата успеа, но Тодоров не ја дочека. „Фемили“ по долги разговори и убедувања конечно се согласија да се вратат на својата трибина, почнувајќи од неделниот меч со Морнар. Предоцна или не, ќе покаже времето, но јасно е дека отсега „Јане Сандански“ ќе биде многу потешка сала за освојување.

3. Тодоров ја имаше поддршката на Ѓорѓе Војновиќ, а во раководството на клубот неколку месеци подоцна од предвиденото се вклучи и Тони Грнчаров, и тоа е тоа. Премалку за „екипа“ што ќе знае што значи МЗТ Скопје и што ќе треба тоа да го пренесе на играчите, особено кога Македонците во ростерот се „малцинство“ во однос на странците.

4. Дојде до промена на чело на младинската школа, доведен беше поранешниот плејмејкер Огнен Стојановски, но не дојде до значителен развој и квалитет ниту во овој аспект од функционирањето на МЗТ Скопје.

kk mzt- kkrabotnickiii 06.12 (59)

Александар Тодоров повеќе не е тренер, плаќајќи го цехот за своите грешки при изборот на ростерот. Откако ја утна првата „тура“ странци следеше нов ремонт, но и новите играчи не се снајдоа најдобро, оставајќи го тренерот на цедило, да ја сноси вината за слабите резултати. Победата над Партизан даде крилја, но еуфоријата не траеше долго, наскоро се увидоа слабостите што противниците беспрекорно ги казнуваа, а за кои Тодоров не најде лек.

Тренерот храбро изјавуваше дека целта му е да постигнува по 90 поени, па макар и примал над 80. Проблемот беше што во ростерот нема потенцијал за такво остварување на секој натпревар. А за жал, МЗТ има капацитет да прима по 90 поени речиси секој меч, особено во АБА-лигата. Просекот од 94,2 примени поени по натпревар (наспроти 79,8 постигнати) говори се.

И сега, што?

Директорот Грнчаров пред неполн месец изјави дека како играч настапувал за бројни македонски тренери кои во ништо не биле полоши од странците кои доаѓале во мак-баскетот. А кога дојде до тренерска смена – изборот пак падна на странец.

Карванот ќе си врви, сезоната ќе продолжи и на крајот ќе заврши, дали со титула на МЗТ или на Работнички дополнително ќе видиме. Но по шесте титули во серија од „сино-белите“ се очекуваше нешто повеќе, чекор напред, градење на нов стил и имиџ, а сето тоа исчезна и пред вистински да почне, неполни три месеци од стартот на сезоната. И повторно, и во новата година – стара приказна, сега на секој можен начин до титула, а догодина со нови „бајки“ за „македонско МЗТ“.

Да расчистиме, нема ништо срамно ниту погрешно да се брка врвен резултат со база од странски кошаркари. Само што титула во Македонија и едвај опстанок во АБА не е врвен резултат. И тогаш, за што сите „приказни“ и вртење во круг.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.