Тошак нов селектор на Македонија - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Тошак нов селектор на Македонија

 Велшкиот стратег Џон Тошак ќе биде нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Тој вчера во Барселона со Харалампие Хаџи-Ристески, претседателот на Фудбалската репрезентација на Македонија, ги договори деталите и во наредните денови ќе потпише договор како нов селектор на Македонија до ноември 2013 година.

Џон Тошак е познато тренерско име во светот. Тој во својата кариера двапати бил тренер на најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид (1989-90, 1999 година), а бил и шеф на стручниот штаб на Депортиво Ла Коруња, Реал Сосиедад, Бешикташ, Сент Етјен, Катанија, Свонси… Во последните шест години (2004-2010) тој беше селектор на фудбалската репрезентација на Велс. Како фудбалер тој осум години го носел дресот на англискиот премиерлигаш Ливерпул.

– Можам и официјално да потврдам дека се договоривме со г-нот Тошак за заедничка соработка во наредниот период. Тој ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација до ноември 2013 година. Инаку, разговорите се водеа во извонредно пријателска атмосфера, а Џон Тошак ги прифати условите на ФФМ во рамките на предвидениот буџет – изјави од Барселона, претседателот Хаџи – Ристески.

Џон Тошак ќе пристигне во Скопје на 25 август, а следниот ден ќе и биде претставен на пошироката македонска јавност. Тогаш и официјално ќе го потпише договорот со ФФМ, а најверојатно ќе го проследи и мечот меѓу Работнички и Лацио на националната арена „Филип Втори”. Исто така, тој најави дека сака да проследи и барем еден натпревар од националното првенство на Македонија тој викенд.

– Навистина ми е чест што ФФМ ме одбра мене за селектор на македонската фудбалска репрезентација. Луѓето од раководството беа прекрасни, отворени и тоа ми дава надеж дека заедно можеме да постигнеме успех на репрезентативен план. Ќе ги следам случувањата со Азербејџан и заедно со информациите што ги имам и прегледувањето на неколку натпревари од квалификацискиот циклус за ЕП 2012г. ќе ја добијам дефинитивната слика за потенцијалот на тимот. Се разбира максимално ќе ги искористиме следните квалификациски средби за да што подобро се подготвиме за предизвикот кој се вика Бразил 2014. За групата не би говорел многу. Првиот впечаток е дека се работи за тешка, но доста израмнета група. Секогаш верувам во мојата работа и сигурно вреди да се обидеме сите заедно да направиме достоен успех во следниот циклус. Не би говорел во оваа прилика за противниците бидејќи е потребно време да се направи добра анализа а секако и план на активностите. Што се однесува до „мојот” Велс сигурно дека е тешко да се игра против „своите”, но барем засега не сум размислувал како ќе го прифатат тоа навивачите на Велс. Јас сум професионалец и размислувам само во тој правец – изјави новиот селектор на Македонија за интернет страницата на ФФМ.

 

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.