Супермото го крена Скопје на нозе - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Супермото го крена Скопје на нозе

Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, а во техничка организација на МК Сакамото од Скопје на 15 октомври на картинг патеката од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје се одржаа по две трки во Шампионатот на Македонија за скутери и Купот на Македонија во супермото. 
 
 
Помеѓу квалификациите и трките, сите натпреварувачи одвозија круг во чест на прерано починатиот Стефан Мајнов кој настрада во јули во сообраќајна несреќа и му одадоа достојна почит на својот колега од патеките.
 
 
 
 
Кај скутери до 50 ссм Бранислав Милошевски (МК Сакамото) се избори за најдобра стартна позиција и без проблем победи во двете трки. Зад него видовме одлична борба помеѓу клупските другари Александар Цилаков и Виктор Таневски (МК Мото Велес). Цилаков беше поуспешен во првата трка, додека Таневски со минимална предност беше подобар во втората трка. Како четврт на два пати заврши Бобан Ѓошев (МК Сакамото), а до петтата позиција стигна единствената дама на овој натпревар, Маја Ивческа (МК Сакамото). Најбрзиот круг го извозе Милошевски со време од 41,086 секунди.
 
 
Во посилната класа до 100 ссм во првото возење видовме одлична борба до самиот крај. Имено, Дарко Станковски (МК Мото Велес) на стартот го помина носителот на пол позицијата Даниел Блажевски (МК Сакамото) и се до претпоследниот круг одолеваше на нападите од очигледно побрзиот противник. Сепак Станковски направи мала грешка, Блажевски го искористи просторот и изби напред и не дозволи до крајот некој да му ја доведе победата во прашање. Зад нив видовме уште еден одличен дуел за третото место помеѓу дебитантите Виктор Караколев (МК Мото Велес) и Горан Ергиќ (МК Сакамото). Ергиќ го искористи падот на Караколев и го зазема третото место, а Караколев мораше да се задоволи со четвртото.
 
 
Во второто возење, веќе во првиот круг се случи прекин на трката по падот на Станковски. За среќа, после лекарскиот преглед не беа утврдени никакви повреди кај него и сите натпреварувачи се упатија на повторен старт. Овој пат Блажевски не дозволи никакво изненадување на стартот и со сигурно возење водеше од почеток до крај на предвидените 20 кругови. Зад него видовме вистински трилер. На крајот тројца натпреварувачи завршија во 1,35 секунди. На второто место се пласира Караколев, трет беше Ергиќ, а четврт Станковски. Петтото место го зазема Бојан Петрушевски (МК Сакамото) кој поради технички проблеми со мотоциклот не стартуваше во првата трка. Блажевски го извозе најбрзиот круг во оваа класа за 35,153 секунди.
 
 
 
Кај натпреварувачите во класата супермото до 250 ссм во двете возења убедлив беше Баже Шишковски (МК Александар) пред Југослав Милошевски (МК Сакамото). Најбрзото време на Шишковски беше 36,567 секунди.
 
 
Во посилната класа, Слободан Ивчески „заспа“ на стартот од првото возење што го искористи Зоран Каранфиловски (МК Мотостарс) и со атрактивно возење победи пред големиот конкурент. Во второто возење Ивчески возврати со победа од прв до последен круг и на крајот победата ја прослави на добро познат начин – се потпиша на асфалтот со задната гума. Изминувајќи ја патеката долга 450 метри за точно 34 секунди, Ивчески успеа да постигне и најдобро време на денот.
 
 
И покрај студеното време, присуствуваше многубројната публика која ги награди со аплаузи сите натпреварувачи кои учествуваа на трката, која за прв пат се одржа на картинг полигонот од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
 В.К. 

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.