Спротивен од законите на физиката - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Спротивен од законите на физиката

 Спротивен од законите на физиката

 

Младиот Мануел Нојер е една од новите млади ѕвезди на
германскиот фудбал, гордост на бундеслигашот Шалке и еден од новите соиграчи на
македонскиот интернационалец Бесарт Ибраими. Иако има само 24 години, веќе две
сезони е стандарден на голот на тимот од Гелзенкирхен, а стручњаците
прогнозираат дека тој е вистинскиот наследник на Оливер Кан на голот на
германската репрезентација.       

По заминувањето на Кан во пензија, германската јавност повеќе
од една година се занимава со претпоставките кој би можел најдобро да ја
преземе неговата улога и сигурно да ја чува мрежата на националниот тим. Тоа се
случувало и порано, кога Германија бараше замени за легендарните голмани како
Сеп Мајер, Тони Шумахер, Бодо Илгнер. Во оваа категорија веќе се вбројува и
пензионерот Оливер Кан, а на самиот залез на кариерата е уште еден голман, Јенс
Леман.   

Селекторот Јоаким Лев се уште не може да се одлучи кој е
вистинскиот избор. Има неколку кандидати, Тимо Хилдебранд, Рене Адлер, Тим
Вијсе, но поголемиот број од фудбалските стручњаци сметаат дека младиот Мануел
Нојер е најсветлата перспектива што во моментов ја има германскиот фудбал. Тој
поседува нешто што немаат неговите конкуренти, харизма, самодоверба, а пред
него се уште најмалку десетина години активна кариера.           

Мануел Нојер почнал да се забавува меѓу стативите уште од
петгодишна возраст, кога неговиот татко го донел во пионерско – младинската
школа на Шалке, објаснувајќи им на тренерите дека има син кој сака да стане
голман.

– Се сеќавам дека имаше само три години и се уште не знаеше
да држи правец ниту кога одеше, а тој се фрлаше на тревата и глумеше дека е
голман. Од најмали нозе се дружеше со топката и за разлика од неговите
другарчиња не сакаше премногу да ја шутира со нозете – се потсетува неговиот
татко.       

Нојер ги мина сите категории во клубот и во 2005 година за
првпат потпиша професионален договор со својот матичен клуб. Учеше од првиот
чувар на мрежата Франк Рост, но негов вистински идол беше Јенс Леман. На свои
20 години го имаше своето деби во првиот тим, и тоа на дуелот против тогашниот
актуелен шампион Баерн Минхен. Франк Рост се повреди и младиот Нојер
изненадувачки доби шанса да застане меѓу стативите. Прими два гола, но
апсолутно не разочара, бранеше добро, а Шалке извлече реми (2-2).

– Мислев дека цел свет е мој, бев неописливо радосен. Само една
година претходно сонував дека еден ден можеби ќе бидам на голот на Шалке. Сонот
ми се оствари, а јас уживав во секој момент. Не се исплашив од предизвикот,
иако пред мене беа построени напаѓачите на страшниот Баерн Минхен – вели Мануел
Нојер.

Шалке се пласира во Лигата на шампионите, каде што популарниот
Ману доби шанса да дебитира на дуелот против Порто на стадионот „Драгао“.
Европската фудбалска јавност предвреме го отпиша Шалке, најавувајќи дека на
голот ќе застане неискусен голман, меѓутоа Нојер на сите им докажа дека
сериозно погрешиле во проценките. Беше убедливо најдобриот играч на Шалке на
оваа средба, бранеше и во невозможни ситуации, а откако по 120 минути игра не
беше одреден патникот во четврфиналето на ЛШ се пристапи кон изведување пенали.
Тогаш Нојер блесна  дополнително, ги
одбрани ударите од белата точка на Бруно Алвеш и на Лисандро Лопес и го трасираше
патот на германскиот тим меѓу осумте најдобри во елитното европско фудбалско
натпреварување. Се претвори во херој на Гелзенкирхен, а медиумите најавија дека
Германија добива нов фантастичен голман со сто раце.

Најголемиот комплимент дојде од тренерот на Порто, Жесуалдо
Фереира, кој истакна дека голманот на Шалке бранел се што можело да се одбрани,
дури и спротивно од законите на физиката.

– Од каде ли само го најдоа тоа момче? Бранеше неверојатно,
ја вадеше топката од голот дури и кога сите веќе ја гледаа во мрежата. Се
прашував како е можно да го штити својот гол дури и против сите закони на
физиката – изјави Фереира.

Во сезоната 2007/08, Мануел Нојер беше вброен и меѓу
петмината европски голмани кои беа во конкуренција за тимот на годината во
Лигата на шампионите.

Следната година Шалке не избори пласман на европската сцена,
но тоа не му пречеше на Нојер да блеска во натпреварите во Бундеслигата. Бранеше
стандардно и беше еден од најдобрите играчи на тимот од Гелзенкирхен. Тоа не ги
остави рамнодушни луѓето од раководството на Баерн Минхен, кои упатија понуда
за да го купат новото голманско чудо на Германија. Баварците нудеа милиони, но
Шалке сепак реши да го задржи талентираниот голман во своите редови.

Продолжи да ја чува мрежата во голем стил, па набрзо во
Гелзенкирхен пристигнаа и скаутите на Барселона и на Манчестер јунајтед.

– Првпат слушам дека овие големи клубови се заинтересирале
за мој ангажман. Убаво е тоа да се слушне, но верувајте, мене во моментов не ми
се заминува од Гелзенкирхен. Шалке е мојот клуб, овде израснав, се чувствувам
како дома и засега не ми е во план да ги пакувам куферите – ги смири водечките
луѓе на својот клуб Мануел Нојер.

Новиот менаџер Феликс Магат во него има потполна доверба.

– Нојер е телентиран голман, кој допрва ќе израсне во квалитетен
чувар на мрежата, можеби еден од најдобрите што Германија воопшто ги имала. За
тоа му се потребни натпревари, а Шалке е неговиот втор дом. Затоа би им порачал
на големите европски клубови да го остават на мир, бидејќи тој едноставно не е
на продажба – вели Магат.

Одличните одбрани на Мануел Нојер не останаа незабележани и
од селекторот на Германија, Јоаким Лев. Тој го повика младиот голман во
националниот тим за турнејата низ Азија во мај изминатата година. Своето деби
за најдобрата бундес-селекција го имаше на 2 јуни на пријателскиот натпревар
против Саудиска Арабија. Бранеше и на пријателската средба против Брегот на
Слоновата Коска (2-2) во ноември, а најверојатно ќе биде вклучен и меѓу
патниците за Светското првенство во Јужна Африка.

– Фудбалот веќе ми овозможи да уживам во многу пријатни
моменти, но учеството на мундијалот би било нешто неверојатно. Навистина би
сакал да бидам меѓу кандидатите за настап на Светското првенство во Јужна
Африка. Ќе се потрудам да го убедам селекторот – порачува Мануел Нојер.                                             

 

 

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.