СЕДМЕРЕЦ: Не е притисок, гордост е - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

СЕДМЕРЕЦ: Не е притисок, гордост е

Билјана Б. Петрушева

Кога капитенот со цело искуство во својата левица и целата чета на „ел команданте“ со возбуда и нетрпение го чекаат стартот на ЕП, македонската јавност и да сака не може да биде „мирна и незаинтересирана“

1.Од Србија до Хрватска

Ситно броиме до стартот на Европското првенство во Хрватска. А, како што одминуваат деновите, така зема замав и јануарската ракометна треска во Македонија. Не знам дали мене така ми се погодува, ама овие денови и на пазар и на слава, а не пак во сала, муабетот е тој:

ШТО ЌЕ НАПРАВАТ НАШИВЕ ВО ХРВАТСКА?

Прашање што чека позитивен одговор, со оној тон на возбуда, исчекување и надеж. Па потоа оди разгледување на тактиките, силите  и можностите. Не само нашите, ги „студираме“ и противниците. Мислиш, секој сака да помогне, макар и со муабет и добра мисла.

Кој како ќе оди во Хрватска и колку дена може да „кидне“ од работа. Воиграна е „фалангата“ како двоен цепелин. Некои од „тактиките“ на македонските фанови сигурно не би му текнале ни на „командант Раул“ со сета негова генијалност.

И не е само сега. Во Македонија во последниве години така е секој јануари.

Од она ЕП во Србија во 2012 до ова ЕП во Хрватска во оваа 2018, без прекин.

Признавале или не, машката ракометна репрезентација е најдоброто од македонскиот спорт во континуитет. Ако некој може да ја крене нацијата на нозе, тогаш тоа се тие.

А кога капитенот и на 37 ќе каже дека секогаш со задоволство игра за својата репрезентација и со цело искуство во својата левица заедно со целата чета на „ел команданте“ со возбуда и нетрпение го чекаат стартот на ЕП, македонската јавност и да сака не може да биде „мирна и незаинтересирана“.

Се очекуваат победи и голови, па дури понекогаш и надреални медали. Не дека некој не знае дека не сме „појаки“ од Франција, ама ракометната еуфорија си го прави своето.

И не е тоа притисок. Гордост е и верба во „нашите“ со „ел команданте“ на клупата.

2.Скопје – Загреб виа Белград

Раул Гонзалес знае да каже дека не е „Хари Потер“ да прави магии и чуда. Но, си ја знае својата работа и знае тоа да го пренесе на тимот. Впрочем, не залудно и противниците токму Шпанецот на клупата го истакнуваат како еден од адутите на Македонија на претстојното ЕП. Што во крајен случај е и добро за репрезентацијата кога селекторот спонтано ќе преземе дел од товарот на очекувањата. А, ракометарите мирно да си го одработуваат својот дел.

Македонската репрезентација во овој состав има спој на искуство и енергија на новата генерација. Сето тоа од селекторот мирно поврзано со добра тактичка подготвеност, тимски дух и позитивна енергија.

Стабилноста на македонската репрезентација беше видливо и на терен, на двете белградски контроли со Саудиска Арабија и посебно со Србија. Колку и да се контролите пред првенство само проверка без резултатска важност и делумна слика со сочувани адути, сепак Македонија на теренот во Белград покажа зрелост на искусна репрезентација, сигурност и компактност. Финесите останува да се дотераат во овие преостанати пет дена до почетокот на ЕП. Саботниот дуел со Словенија во Загреб ќе биде прв, а за Македонија можеби и најважен на ова првенство. Така вели селекторот, а така велат и ракометарите.

3.Ние и Словенците

А, кога сме веќе кај Словенците, пред некој ден Миха Жвижеј на Твитер ги искара словенечките медиуми дека малку пишуваат и воопшто не се интересираат за ракометната репрезентација иако Вујо и „змајчеки“ се трети во светот.

„Информациите за Европското првенство и за словенечкиот ракометен тим во словенечките медиуми ми се чини како воопшто да не постојат. Луѓето сакаат новости, свежи ставови, не само вести. Ако го чекате вистинскиот момент задоцнивте“ – им порача словенечкиот пикер.

А, ние пак овде душа им извадивме и на Раул и на ракометарите, секој ден се пред микрофоните. Раул сигурно ни кога освои олимписка бронза во Атланта немал толку интервјуа колку што има овде пред ЕП. Знае со насмевка да воздивне, ама никогаш не одбива и сите ги почитува колку и да е понекогаш  напорна „седмата сила“.

Ракометарите, помалку или повеќе се навикнати на тоа медиумско јануарско темпо. На Словенците можеби им недостасува медиумско внимание, ама овде и да кивне некој во репрезентација, во секунда ќе има дваесет текста и десет аспирини. Само сите да ни се на број за ЕП.

Не се „златни“ ни „бронзени“, ама ракометарите се македонска гордост. И причина за радост и еуфорија на нацијата, за секој гол и на секоја победа.

Среќно, момци!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.