СЕДМЕРЕЦ: Ќе си оди, не си оди... - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

СЕДМЕРЕЦ: Ќе си оди, не си оди…

Билјана Б. Петрушева

Вардар ги освојува титулите, ама „Маго ди Умаго“, повторно му ја зема славата…

1.Нема дерман!

Вардарци во саботата славеа три титули во „црвено-црното“ семејство, ракометарите на Вардар ја освоија јубилејната „десетка“ во Купот на Македонија. . . Ама на крај, главна ракометна вест викендов беше дали Лино Червар ќе си оди или ќе остане во Металург! Ај што во саботата „чесно ги испоти“ за да стигнат до титулата, „Маго ди Умаго“ на крај им ја зеде и славата.

Според писанијата во хрватските медиуми Червар се враќа во Хрватска. Според македонските, тој и понатаму останува во Македонија!

По којзнае кој пат откако тргна кризата во Металург, во хрватските медиуми излезе веста дека Червар е веќе уморен од „битката за Металург“ и дека се враќа во Хрватска. Но, брзо потоа следуваше појаснување во македонските медиуми дека Хрватите погрешно ја протолкувале неговата изјава.

Дилемата е разрешена, барем засега. Додека има надеж Металург повторно да застане на цврсти нозе, Червар останува во Автокоманда. Така потврди лично хрватскиот стратег.

Двајца повозрасни навивачи на Вардар се шегуваа во саботата на финалето од Купот додека нивните играчи „се потеа“ со одбраната на Металург – „Може Металург и пет пати да пропадне, ама, нема „дерман“ додека е овој Лино на клупата!“, му вели едниот на другиот.

…салата беше празна, па муабетот на вардаровите навивачи стигна и до новинарскиот пулт.

2.Уморни?!

Червар-нема-дерман и со овој и ваков Металург над кој со месеци виси прашањето дали ќе опстои или ќе исчезнe, успева колку-толку достојно да се спротивстави. И тоа мора да му се признае. Но, сепак, Вардар е премногу силен наспроти овој млад, „крпен“ и преполовен Металург, па веќе и не е вест дека победил.

Ни пред финалето на Купот никој не се сомневаше дека Вардар ќе биде тој што ќе го подигне пехарот. Преголеми фаворити се „црвено-црните“, со преголеми имиња и рамно на фантазија е дека сезонава може да бидат поразени во Македонија. Но, тоа колку е добро, толку е и лошо за Вардар. Во супериорноста се губи малку врската со реалноста, и во невнимание, се случуваат мали, но и големи изненадувања.

vardar - metalurg dusebaev

Мене искрено ме изненадија и изјавите на „вардарци“ по мечот дека Металург им ја забавил играта и затоа не успевале да направат поголема разлика, дека се уморни… Може ли овој и ваков Вардар да си дозволи да биде „успорен“ од овој Металург и да биде „уморен“ во овие и вакви македонски натпревари?! Без потценување и преценување, ама едноставно, не ми оди во глава дека Зомимак, Пролет, Прилеп, па и Металург може толку да го уморат овој Вардар! Да, крај на сезоната е за сите, има замор, но токму на крајот се и најважните мечеви. Што ќе беше ако Вардар дома играше финалиња со „стариот“ Металург, и во ЛШ ако се пласираше на Ф4 во Келн?!

Нели, желбите и амбициите се „келнски“ и сонот на сите што го сакаат Вардар! Ама, во Келн, нема место ни за умор ни за „чуванки“. Таква е реалноста.

3.Каде е публиката?

Не знам дали и македонската публика се умори од многу ракомет, па затоа се помалку ја има на трибините или нешто друго е во прашање. Како и да е, не е на добро.

Пред неколку седмици, во „Борис Трајковски“ бодеа очи празните столчиња кога Македонија играше против светскиот првак Франција.

Во саботата, речиси празните трибини во „Јане Сандански“ беа неубава глетка за женското и за машкото финале во националниот Куп. Не верувам дека нешто поисполнето ќе биде и во завршницата на македонскиот плеј-оф…

Нема големо дерби, нема ни публика. Нема игра, нема ни публика.

А не така одамна за сите љубители на ракометот, па дури и за оние трендовски „селфи“ навивачи, беше вистински подвиг да се најде влезница повеќе, да се „оди на ракомет“. За натпреварите се зборуваше со денови. Кој можеше да ги пропушти легендарните преметки на Вардар и на Металург или настапите на македонската репрезентација?!

А сега трибините ни зјаат празни…

Само, не дај Боже, да не почнеме да даваме пасоши и на „заменска публика“ за да одмори оваа нашата. Е, тогаш навистина ќе ни дојде крајот!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.