РК Вардар реагира: Поради одлуките на РФМ, ќе размислиме дали да продолжиме со инвестирање во ракометот - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

РК Вардар реагира: Поради одлуките на РФМ, ќе размислиме дали да продолжиме со инвестирање во ракометот

РК Вардар реагира: Поради одлуките на РФМ, ќе размислиме дали да продолжиме со инвестирање во ракометот

Ракометниот првак на Македонија и наш претставник во Лигата на шампионите, РК Вардар, реагира по последните одлуки на УО на РФМ за зголемувањето на цената на лиценците за странските ракометари и членови на стручниот штаб. Како што е познато, кај „вардарци“ огромен е бројот токму на странци и во натпреварувачкиот погон, но и во стручниот штаб.

Во соопштение објавено на официјалниот сајт, РК Вардар вели дека сериозно ќе размисли дали и понатаму ќе вложува во ракометот. Соопштението го пренесуваме во целост:

Последните одлуки на Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија околу зголемувањето на цената на лиценците за странските играчи и членови на стручен штаб кај екипите беа големо изненадување за нас како менаџмент на клубот, особено што истите се донесуваат на помалку од еден месец пред почетокот на новата натпреварувачка сезона.

Во период кога клубовите веќе ги имаат подготвено своите буџети и ангажирано играчи за кои сметаат дека им се потребни за постигнување на врвни резултати, се изгласува одлука која никако не влијае на подигање на квалитетот на ракометот, туку изгледа како изнудена мерка за пополнување на буџетот на Федерацијата.

Сметаме дека ваквата одлука е пред сѐ, избрзана и без претходна анализа дали на тој начин ќе се подигне квалитетот на ракометот во Македонија или пак целта е македонскиот клупски ракомет да се претопи во просечноста и никогаш да не може да се издигне на високо европско и светско ниво.

Веруваме и очекуваме, Ракометната Федерација на Македонија дека ќе ја преиспита својата одлука и истата ќе биде повлечена бидејќи не е во спортскиот дух да им се овозможи на клубовите поголем просперитет и постигнување на високи дострели и за ваквите одлуки ќе има подобро образложение и истите ќе бидат донесени многу однапред пред почеток на сезоната.

Вардар има европска агенда и светски стандарди во применувањето на спортскиот менаџмент. Ние како управа постоиме три години на спортскиот пазар и резултатите што се остварија за три години беа неочекувано добри и прогресивни во однос на политиките што ги применуваше Вардар.

Ако Вардар е македонски клуб кој не се грижи за развојот на македонскиот ракомет немаше денес да брои повеќе од 2.000 дечиња во ракометната академија, немаше да инвестира во над 20-тина тренери и тоа само во професионалниот погон, плус уште двојно повеќе во Академијата. Немаше да ги отстапува сите термини во својата спортска инфраструктура за развој на младинските категории и немаше да инвестира во Вардар јуниор лигата, проект што е од суштествено значење во РМ, лига која ќе биде еднаква според силата, на лигата во рамките на државното првенство на Македонија.

Денес во Вардар постојат македонски играчи, а особено во помладите категории како што никогаш не постоеле, постојат спортски професионални договори како што во ниту еден клуб во РМ немало од осамостојувањето. Денес во младинската екипа која е всушност нашиот втор тим, има над 40 лиценцирани играчи, кои секојдневно имаат по две тренинзи на ден, што е повеќе од многу просечни екипи во лигите. Сите младински екипи имаат инфраструктура каква што нема ниту еден клуб во Југоисточна Европа, се имплементираат сите најсовремени третмани од спортската медицина по нависоки стандарди и исхрана која е според нависоки нутриционистички стандарди.

Вардар активно инвестира во македонските спортисти и кадри, и секогаш највлијателните, најдобрите, најперспективните и најистакнатите ги селектира и ги става во првата екипа, како што лани беше со многу играчи од машката и женска екипа, кои не само што тренираа со првиот тим, туку добиваат и шанса да играат на дел од тие натпревари. Таа пракса ќе продолжи и во иднина.

Доколку РФМ смета дека треба да ги зголемува лиценците за странски играчи, нека каже директно дека Вардар ѝ пречи на македонската спортска јавност и го уништува спортот и не се залага за промоција на македонскиот спорт и Македонија на европски план.

Ако Вардар ѝ пречи на РФМ, ние ќе ги раскинеме договорите со играчите, ќе ги намалиме буџетите и ќе требаат уште долги години да се освои титула, она што сите во Македонија го посакуваат, а ние силно работиме на остварување на таа цел.

Ние ќе ја продолжиме зацртаната европската агенда. Нашата амбиција и со машкиот и женски клуб е европската титула во Лигата на шампоните. Блиску сме до остварување на целта и затоа е непотребно да се ставаат секакви сопки.

Женската ракометна екипа е трета во Европа и тоа две години по ред под водство на постоечката управа, а доколку РФМ смета дека Вардар не треба да ја продолжи европската агенда, ние ќе го намалиме нашиот буџет и трошоци и ќе ги имплементираме нивните мерки и политики.

Доколку Вардар немаше патриотски пристап и професионален спортски менаџмент за развој на спортската култура, клубот под водство на постоечката управа, немаше да биде петти во Европа во машка конкуренција, двапати да игра во четврт-финалето и тоа по само две години менаџмент.

Во машката екипа веќе сега има играчи кои зад себе имаат европски титули, светски медали, огромно искуство кое сакаме да го исползуваме на секој можен начин. Дали играчите како Арпад Штербик, Тимур Дибиров, Блаженко Лацковиќ, Хорхе Македа го уништуваат македонскиот ракомет или напротив, тие се амбасадори на македонскиот спорт во Европа и светот.

Токму поради големите вложувања и постигнатите резултат, во Македонија гостуваат врвни спортисти и екипи, па и македонските гледачи се насладуваат во мајсториите на домашните и гостински играчи. Нашите напори за создавање на врвен тим придонесоа клубовите да бидат постојано меѓу најдобрите во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата.

Клубот не ги заборава спортистите, особено младите, па затоа и ги формираше овие втори тимови, во кои се инвестира двојно повеќе во нивен развој и едукација, за да можат што побрзо да бидат дел од најдобриот тим.

Иако се работи за втори тимови, под знакот на „јуниор”, тие имаат ист третман како и првата екипа, работат под стручен надзор, имаат третман можеби и подобар од првиот тим. Сите имаат исхрана според највисоките нутриционистички стандарди, а буџетите на клубовите се поголеми од сите останати клубови во домашното првенство.

Во овие селекции се инвестира во развој на нови играчи кои ќе бидат дел од првиот тим на Вардар и заедно ќе ја освојат европската титула, еден ден, а се надеваме и во повеќе наврати.

Ако Вардар не се грижеше за иднината на македонскиот ракомет, немаше да има над 2.000 деца во својата академија, немаше да ангажира и странски менаџери кои имаат искуство, како што е Тања Мадвед и немаше да инвестира во младинската машка ракометна лига која ќе почне од септември. Нашите втори екипи се посилни од 90 отсто од екипите што сега се натпреваруваат во домашното првенство.

И покрај ваквите непромислени одлуки на РФМ, нѐ радува што Федерацијата во нас препозна партнер околу организацијата на кадетското ЕП, во салата во СЦ „Јане Сандански”, целосна инвестиција на Вардар од над 17 милиони евра. И од ЕХФ ги пофалија напорите на Вардар да обезбеди услови за спортистите, какви што нема во блиската околина, а кои се предуслов за постигнување врвни резултати. Ваквите напори на Вардар се во насока на развој на ракометот, не само клупски, туку и репрезентативен. Заедно со раководството на РФМ ги дочекавме луѓето од ЕХФ каде што достоинствено го претставивме кадетското ЕП, а ние помогнавме на РФМ и државата да создадеме слика дека Македонија полека, но сигурно станува лидер во ракометот.

Сите знаат дека во сегашни услови е тешко да се обезбеди буџет за нормално функционирање и следење на големите европски екипи и да се биде конкурентен во Лигата на шампионите. Во услови кога само 20 отсто од средствата се обезбедуваат од домашни спонзори, РФМ не треба да ги оптоварува клубовите со дополнителни трошоци кои можат да се употребат многу порационално, и за други, пред се спортски намени.

Одлуката за зголемување на лиценците е директен удар на буџетот каде што над 3000 лица, спортисти, спортски работници и други извршители во инфраструктурата, и во младински категории егзистираат.

Благодарни и горди сме како управа што РФМ е предводена од луѓе со европски размислувања и имаме барање да ги разберат нашите политики и мерки кои се за заеднички развој и да ни помогнат, заеднички да го трасираме европскиот клупски пат на Вардар, зашто индиректно со тоа така се јакне и угледот на РФМ. Убедени сме дека раководството на РФМ ќе ги разбере нашите молби и барања и ќе биде наш партнер во освојување на Европа.

Вардар секогаш е со поддршка на сите политики и мерки на РФМ предводен од Живко Мукаетов, но овојпат бараме повторно разгледување на одлуката и нејзина промена, а се со цел за промоција на ракометот на највисоко ниво.

Очекуваме помош од РФМ и соработка на секое ниво и во секој поглед, пред се и во функција за развој на ракометот и постигнување на што подобри резултати, со кои би биле горди сите Македонци.

Со почит,

Давор Стојаноски
Извршен директор на РК Вардар

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.