Прва МФЛ: Филип Велики го чува Вардар - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Прва МФЛ: Филип Велики го чува Вардар

Вардар го задржува врвот на табелата со трите нови бода освоени на дуелот со Хоризонт Турново (3-0) на стадионот во Ѓорче Петров и ќе го чека развојот на нстаните на утрешното дерби меѓу Шкендија и Металург во Тетово. Работнички не успеа да ја урне традицијата и да слави во Кратово, напротив, повторно загуби, овојпат со 2-1. Триумфи и за Брегалница и за Охрид 2004 на домашен терен, а Тетекс со играч помалку успеа да стигне до 2-2 против Ренова, иако имаше негатива од два гола. Ова е расплетот на денешните натпревари од Првата фудбалска лига на Македонија, а последниот меч се игра утре. 
 
 
ФИЛИП ВЕЛИКИ ГО УРНА ТУРНОВО  
Вардар до крајот на есенскиот дел од сезоната нема да игра на арената „Филип втори“ во Скопје, но затоа во своите редови го има стрелецот Филип Велики. Капитенот Филип Ивановски одигра одличен меч против Хоризонт Турново, постигна два гола, а учествуваше и во акцијата за првиот погодок, што сепак, беше автогол на гостинскиот фудбалер Милушев. Покрај, Ивановски, одличен меч и за Влатко Грозданоски кој имаше две асистенции, а во завршницата голема помош дојде и од Илбер Али.
 
Турново беше рамноправна екипа се до 70.минута од натпреварот, а потоа Вардар конечно го скрши отпорот на гостите и поведе со 1-0. Грозданоски центрираше од слободен удар, Ивановски и Али ја пропуштија топката, а Милушев несмасно реагираше и ја затресе сопствената мрежа.
     
Во 83.минута 2-0 за Вардар. Пандовски почна акција од центарот на теренот, го проигра Али, тој влезе во шеснаесетникот и несебично го пронајде Филип Ивановски за поубедливо водство на „црвено-црните“.
 
Третиот гол повторно беше дело на Филип Ивановски во 90.минута од средбата. Грозданоски изведе корнер, Столе Димовски не реагираше најдобро и ја испушти топката, а Филип Ивановски се најде на вистинското место и уште еднаш ја затресе гостинската мрежа.
 
Во првиот дел, и двете екипи имаа свои можности д го отворат резултатот. Во 11.минута Цикарски го погоди диреко, а во 35.минута, Лико од слободен удар ја погоди гредата од голот на Хоризонт Турново. Но, и гостите имаа свои шанси. Во 18.минута, Ѓорѓиев излезе сам пред Захов и не шутираше прецизно, а во 40.минута и Сашко Пандев имаше одлична шанса, но Захов одбрани.
 
 
НЕМА БОДОВИ ЗА РАБОТНИЧКИ ВО КРАТОВО  
Работнички ниту овојпат не успеа да ја урне незгодната традиција на стадионот во Кратово и да ги освои бодовите. Силекс славеше со 2-1, а Работнички го зварши мечот и со играч помалку. Силекс поведе со 1-0 во седмата минута, со удар од белата точка. Сигурен реализатор беше Марков. Десет минути подоцна израмни Душан Савиќ, но токму овој фудбалер во второто полувреме заработи црвен картон. Во 51.минута, Нацев повторно ги доведе кратовци во водство, што се покажа и како конечен резултат на натпреварот.
 
 
ТЕТЕКС СЕ ВРАТИ ОД МРТВИТЕ СО ИГРАЧ ПОМАЛКУ
Дуелот во Тетово донесе многу возбудувања, посебно во второто полувреме. Тетекс остана со играч помалку во 52.минута по исклучувањето на Ѓорѓиевски, а Ренова тоа умееше да го искористи и со погодоците на Нухии и на Јанчевски поведе со 2-0. Но, сепак, „текстилците“ покажаа неверојатна упорност и борбеност, па и со играч помалку се вратија во игра и стигнаа до бод. Со погодоците на Урошевиќ и на Клечкаровски го израмнија резултатот на 2-2.
 
 
ЗАМИНА СПАСОВ, ТРИ БОДА ЗА БРЕГАЛНИЦА    
Брегалница се раздели со тренерот Никола Спасов, а него на клупата за мечот со 11 Октомври го замени Влатко Давитков. Тој ги предводеше штипските фудбалери до триумф од 2-0, со што ја врати вербата во добра сезона за својот клуб. Стрелци на головите за Брегалница беа Мандак во 41.минута и новото засилување Генц Исени во 75.минута од средбата.
 
 
„ТРИ ПАРЧИЊА“ ЗА НАПРЕДОК ВО ОХРИД      
Охрид 2004 полесно од очекувањата стигна до три бода на дуелот со Напредок на домашен терен. Веќе по половина час игра „рибарите“ имаа сигурно водство од 2-0 со головите на Пројков и на Димовски. Надежите за добар резултат на Напредок дефинитивно се урнаа во 33.минута кога беше исклучен Симјановски, а пред крајот на првиот дел Димовски постигна уште еден гол за 3-0, со што ја запечати судбината на кичевскиот прволигаш. Во вториот дел, Главевски во 82.минута постигна почесен погодок за Напредок за конечни 3-1 во корист на Охрид 2004.
 
 
Резултати, 10.коло, Прва МФЛ: Вардар – Хоризонт Турново 3-0, Брегалница – 11 Октомври 2-0, Охрид 2004 – Напредок 3-1, Силекс – Работнички 2-1, Ренова – Тетекс 2-2.      
 
Утре, со почеток во 14 часот, на стадионот во Тетово, силите ќе ги одмерат Шкендија и Металург.                         
 
 
 
 

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.