Мукаетов: Чест на исклучоци, не ми се допадна односот кон националниот дрес - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Мукаетов: Чест на исклучоци, не ми се допадна односот кон националниот дрес

Мукаетов: Чест на исклучоци, не ми се допадна односот кон националниот дрес

Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, во интервју за ЕКИПА отворено говори за настапот на нашата репрезентација на ЕП во Полска, аномалиите што беа забележливи за време на шампионатот, како и за својата визија за развојот на ракометот во периодот што следи…

Како го оценувате настапот на македонската репрезентација на ЕП 2016 во Полска?

Бевме сведоци на интересно и квалитетно европско првенство проследено со неколку шокантни и неочекувани исходи од натпреварите. Во поглед на настапот на македонската репрезентација на ова континентално натпреварување, единствената добра работа која би можел да ја издвојам е дека целта која си ја поставивме ја исполнивме, влез во втората фаза и добивање на статус на носител во ждребот за бараж натпреварите за СП 2017 во Франција. Зад нас останаа сериозни репрезентации кои функционираат со многу поголеми финансии како Исланд, Унгарија, Словенија, Србија…

Заедно со вистинските љубители на ракометот поминавме повеќе од 14 дена во Краков, на првенство од кое сите ние имавме поголеми очекувања. Раководството на РФМ на репрезентативците и стручниот штаб им овозможи оптимални услови за непречено функционирање. Се вложивме максимално: како персонално, така професионално а и финансиски. Ако речам: можевме подобро, би било клише, но ова навистина не беше македонската ракометна репрезентација која јас би сакал да ја гледам на теренот и од трибините. Апсолутно е јасно дека можеше да се даде многу повеќе со оглед на искуството и квалитетот кои овој состав ги има, но ова не беше изданието на Македонија кое јас го знам, особено не мечевите со Хрватска и Белорусија. Ако потфрливме со репрезентацијата на Хрватска, (која на шампионатот направи чудо на натпреварот со Полска), дали поради умор или емоционална преоптовареност, поразот од Белорусија навистина непријатно ме погоди. Со чест на исклучоци, воопшто не ми се допадна односот на поединци кон македонскиот национален дрес. 

Веќе ги согледавме недостатоците и што поскоро ќе почнеме со нивно санирање.

makedonija na himna

Какво влијание според Вас имаше пристапот и преголемиот акцент ставен на предолимпискиот турнир, во однос на самото Европско Првенство?

На некој начин, ЕП 2016 и предолимписките квалификации беа причинско-последички поврзани. Вистината е, уште од првиот собир на машките сениори на крајот од месец декември минатата година, сиот фокус на РФМ беше насочен кон настапот на Европското првенство во Полска. Можеби во јавноста се создаде погрешен впечаток за акцентот на предолимпискиот турнир поради евентуалните изненадувања кои можеше да ги приредат амбициозните настапи на некои репрезентации (како на пример Норвешка и Шведска), но откако коцките се склопија, сега може да кажеме дека сме комплетно насочени на квалификационите натпревари кои ќе се одржат на 8, 9 и 10 април годинава против репрезентациите на Полска, Чиле и Тунис каде треба да забележиме најмалку две победи за да го осигуриме билетот за Рио.

НОВ ДИРЕКТОР, НО И ПСИХОЛОГ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

3. Што планира РФМ да стори за решавање на директорската функција, која на ова првенство беше извршувана со импровизација? Сметате ли дека за остварување на голема цел како Олимписки Игри ќе биде неопходно вклучување на барем една репрезентативна легенда, за дополнително подобрување на атмосферата?

Еден од хендикепите кои го имавме на тема стручен штаб на ова првенство беше отсуството на Никола Панчевски, директор на сите машки селекции при РФМ. Оваа информација ни беше потврдена само неколку дена пред поаѓањето за Краков, а отсуството беше од здравствени причини. Свесни сме дека составот на стручниот штаб, има своевидна потреба од дополнителна стручна помош, што во најкусо време планираме да ја обезбедиме.

Сериозно размислуваме на позицијата директор на машката сениорска репрезентација да назначиме личност со минат труд во ракометот и личност која е добар познавач на актуелните прилики. Веќе имавме едно не баш среќно искуство со назначувањето на поранешен репрезентативец на оваа позиција пред две години, од кое, да бидам искрен, не видовме никаков бенефит. Со оглед на товарот кој го носат претходните релации и сегашниот склоп на околности, изборот за оваа позиција е прилично чувствителен и специфичен и мора внимателно да се пристапи доколку сакаме да не биде чиста формалност. Во оптек се неколку имиња и наскоро ќе излеземе со конкретно решение чиј домен на работа би биле исклучиво машките ракометни сениори. Во рамките на стручниот штаб, исто така размислуваме за вклучување и на психолог, кој верувам дека ќе биде од голема помош особено во справувањето со притисокот и товарот кој го носи секој настап.

Ова го потенцирам особено во контекст на беспредметните обвинувања дека „нешто не функционира во репрезентацијата“. Едноставно, реториката која се користи на клупа, во исклучително тензични моменти, не е иста со онаа која се користи во нормалните контексти, што е сосема разбирливо. Исто така, не е воопшто сеедно кога јавноста осудува поединци преку медиумите или социјалните мрежи. Притисокот е огромен и контра-продуктивен. Овие 17 избраници на Македонија заминаа за Краков во нималку лесна мисија, функционирајќи под строго утврден режим цел месец и одвоени од своите семејства. Можеби, за жал, не се бореа до последниот атом од силите, но не заслужија да допрат до нив погрдните обвинувања упатени од личности кои уживаат во удобноста пред ТВ екраните и мислат дека знаат сѐ и разни ‘душебрижници’ кои прават анализи само од свој (субјективен) агол на гледиштето.

Веќе споменав во едно претходно интервју: во вакви исклучително тешки моменти треба да сме сплотени на сите нивоа и поддршката која македонската ракометна репрезентација ќе ја добие од медиумите и јавноста е бесценета и добредојдена.

mukaetov so filip

Како ќе пристапите на решавање на проблемот со стручниот штаб, за да не се случи повторно селекторот да остане без ниту еден помошник за време на едно големо натпреварување? Каков е селекторскиот статус на Ивица Обрван, до кога има договор и дали може да се очекува продолжување на соработката?

Договорот на Ивица Обрван и Данило Брестовац со Федерацијата се со важност до јуни 2016 година, и истите секако содржат клаузули кои двете страни се обврзани да ги почитуваат. Ангажманот на Обрван од страна на Федерацијата се случи во 2013 година, во време кога имаше песимистички најави за пласманот на машките репрезентативни сениори на ЕП 2014 во Данска. Со добра мобилизација и огромна верба во квалитетот на играчите и селекторот успеавме да врземе две победи по ред и да настапиме во Хернинг. Таму, планот беше пласман во втората фаза, а тоа го остваривме. Рековме дека играње на СП во Катар 2015 е исто така нешто што го очекуваме од оваа генерација, и тоа го остваривме. На ЕП во Полска, целта беше да се мине групната фаза, тоа и беше остварено. За да дојдеме до ситуација на пласирање на квалификациите за ЛОИ, макотрпно се работеше овие три години на сите полиња.

Оттука, сметам дека Ивица Обрван својата функција ја извршува максимално професионално, но доколку лоцираме недостатоци во неговата работа, би го посочил односот со репрезентативците вон теренот. Тоа сметам дека е нешто на кое тој лично треба да поработи, но како и секоја комуникација, и оваа треба да биде двонасочна.

Внимателно ќе ги разгледаме сите опции, со оглед на тоа дека ни преостануваат само 2 месеци до предолимписките квалификации, и ќе настојуваме да ги исклучиме сите ризик фактори. Јас по природа не сум човек кој превзема без потребен ризик и игра на картата на среќата, па доколку оваа историска шанса на било кој начин ја искомпромитираме, секој ќе си понесе одговорност за своите постапки.

И ТАЛЕСКИ ТРЕБАШЕ ДА ПАТУВА ЗА ПОЛСКА

Во Полска на дело го видовме Филип Кузмановски како доказ дека имаме талентирани играчи, каков е вашиот став за дополнително подмладување на националниот тим?

Филип Кузмановски беше навистина многу пријатно позитивно изненадување на овој шампионат. Неговиот талент исклучително многу ветува, само ќе треба паметно, внимателно и посветено да работи на својот професионален развој. Мој личен став е дека во Краков требаше да биде земен и Филип Талески зашто подмладувањето на репрезентацијата го гледам како неминовен процес и еден од жешките костени што оваа раководна гарнитура ќе мора да го помине. Тука проблемот е што наследивме генерациска празнина од 10-15 години која ќе мора да се надополни. Во текот на оваа натпреварувачка година имаме доволно настани во кои ќе има можност да се вклучат уште неколку млади играчи кон сениорската репрезентација и да го потврдат својот талент.

Каква е, според Вас, ракометната иднина на Македонија?

Кога оваа гарнитура дојде на раководната позиција во Федерацијата, освен големиот финансиски долг наследивме многу измешани работи. Со цела почит кон претходните раководни гарнитури на РФМ, ова раководство пристапи кон темелна систематизација на сите сфери делување на Федерацијата. Навистина вложивме и вложуваме исклучителни напори за уште поуспешни резултати во досието на македонскиот ракомет.

Во моментов, ракометот е спорт бр. 1 во Македонија, интересот е огромен, особено кај младата популација, што е факт кој мене многу ме радува. Нашата цел е да составиме квалитетна база на млади ракометари кои за неколку години ќе ги бранат боите на Македонија на светската ракометна мапа. Сакаме да создадеме систем на вредности кој ќе даде резултати на долг рок и кој во иднина ќе може многу лесно да се надгради за да биде уште поуспешен.

Убеден сум дека за десетина години од сега, резултатите од овие напори ќе бидат нешто на кое сите ние ќе бидеме горди. Ова не го правиме ниту за Живко, ниту за Кире или Обрван; го правиме за Македонија. Секоја функција е минлива и без секого се може ако се мора. Ние овде денес работиме за нешто што треба да биде иднина на македонскиот спорт. Оставина која ќе им биде од корист на генерации после нас.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.