Мукаетов: Брумен не е дел од нашите планови за Катар 2015 - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Мукаетов: Брумен не е дел од нашите планови за Катар 2015

Матијаж Брумен нема да биде дел од селекцијата на Македонија на претстојниот светски шампионат во Катар. Ова е пораката на првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, дадена во интервјуто за ЕКИПА, во која претседателот на нашата ракометна куќа јасно става до знаење дека словенечкиот интернационалец од таборот на Вардар не е дел од плановите за претстојниот светски шампионат, што ќе се одржи за два месеци.

Матијаж Брумен е извонреден играч од светска класа, но не е во нашите планови за СП во Катар“ – краток, но дециден е Мукаетов на оваа тема.

Воедно, претседателот на РФМ не го крие задоволството по добриот старт на квалификациите за ЕП 2016 и освоените три бода на дуелите со Швајцарија и со Чешка, кои се чекор напред кон обезбедување на пласман на шампионатот во Полска.

Морам да признаам дека сум задоволен од освоените три бода на овие континентални квалификации, особено имајќи предвид што некои од клучните репрезентативци поради одредени, за мене, неразјаснети причини, имаа многу мала или практично никаква минутажа на натпреварувањата во РК Металург оваа сезона. Македонската машка сениорска ракометна репрезентација веќе година и половина нема загубено натпревар во квалификациските циклуси. Можам да кажам дека имаме реални шанси за пласман на ЕП во Полска во 2016 година, што е важно во поглед на задржување на континуитетот на големите натпреварувања. Слабото прво полувреме кое го имавме против репрезентацијата на Чешка беше добро предупредување и поука дека не смееме да се опуштаме против било кој противник и дека мора да останеме максимално концентрирани на играта и резултатот. На теренот во Злин покажавме карактер во вистинска смисла на зборот и се вративме од негатива од 8 гола, што е редок случај во врвни репрезентативни натпреварувања“ – вели првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија.

Тој упати посебни комплименти кон капитенот Кире Лазаров и голман Борко Ристовски, кои беа најзаслужни за одличниот старт на новиот квалификациски циклус.

Посебно сум воодушевен од капитенот Кирил Лазаров кој особено на овој меч покажа што значи вистинско лидерство и го крена тимот кога тоа беше најпотребно. Горди сме што во нашите редови имаме не само репрезентативец од светски калибар туку и извонреден мотиватор. Борко Ристовски публиката во Злин и целата македонска ракометна јавност ја почести со своето маестрално роденденско издание. Да не ги заборавиме и Филип Миркуловски и останатите носители на репрезентативниот дрес кои уште еднаш покажаа како треба да се бориме со сите сили и со цело срце за достојно да ги претставиме боите на Македонија. Позитивната енергија која играчите ја добија од трибините во Злин, од навивачите и претставниците на медиумите кои четириесеттина часа патуваа за да го проследат натпреварот, секако имаше голем удел во крајниот исход“ – истакнува Живко Мукаетов.

„Јавна тајна“ е дека желба на сите во Ракометната Федерација на Македонија, како и на самите репрезентативци, е конечно да се стигне до учество на едни Олимписки Игри, а настапот на претстојниот мундијал во Катар ќе биде клучен фактор за обезбедување на билет за ОИ во Рио де Жанеиро.

Јас сум оптимист, но сепак ќе одиме чекор по чекор. Во поглед на машките ракометни сениори во моментов сме фокусирани на претстојното светско првенство во Катар каде целта е четвртфинале и квалификации за Рио а за да го постигнеме тоа мораме да играме подобро, за што верувам дека имаме квалитет, мораме да бидеме поконцентрирани и пофокусирани и да ги сведеме падовите во играта во текот на натпреварите на минимум. Секако многу важен фактор ни е здравствениот билтен на играчите за време на првенството“ – го завршува Мукаетов своето интервју за ЕКИПА.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.