Македонско дерби за регионален престиж, Вардар прo и Металург во полуфинална битка во СЕХА - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Македонско дерби за регионален престиж, Вардар прo и Металург во полуфинална битка во СЕХА

Вардар про или Металург, денешниот дуел што стартува од 19 часот ќе даде одговор на прашањето кој од двата македонски тима ќе ја претставува нашата земја во големото финале од завршниот турнир во СЕХА-лигата што ќе биде на програмата в недела. „Вардарци“ се организатори на овој завршен турнир, воедно и бранители на трофејот откако лани во Загреб најпрвин славеа над домаќинот Загреб КО, за потоа во големото финале да го совладаат токму Металург. „Црвено-црните“ и овојпат не важат за фаворити за трофејот, но Веселин Вујовиќ и неговите избраници се решени да го дадат максимумот во обид да ја одбранат ланската титула. Мотивацијата никогаш не е проблем кога се игра против вечниот ривал Металург, па токму затоа за очекување е и вечерашниот дуел меѓу двата македонски ракометни бисери да понуди беспоштедна борба и огромна желба за триумф.
 
Двајцата тренери, Веселин Вујовиќ и Лино Червар, на вчерашната прес-конференција беа умерени во изјавите и полни со респект за противникот, но и на двајцата им е јасно дека македонските дерби дуели секогаш значат двојно повеќе за навивачите, па дури и кога станува збор за пресметка од регионалното СЕХА-натпреварување. Истото им е јасно и на ракометарите, кои сепак најавија фер битка за победа и пласман во големото финале, во неколку наврати потенцирајќи го она „нека победи подобриот“. 
 
Миркуловски и Манасков нема да бидат во комбинација за настап за Металург на овој завршен турнир, додека Велко Маркоски по се изгледа ќе ги надмине проблемите со грбот и ќе настапи на вечерашното полуфинале. На спротивната страна, во таборот на „вардарци“ неизвесен е единствено настапот на репрезентативецот Недановски. Денеска со почеток во 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“ се игра и првото полуфинале од СЕХА-лигата, во кое силите ќе ги одмерат Загреб КО и Брест Мешков.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.