Македонијо, слави ги новите херои! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Македонијо, слави ги новите херои!

Европското Првенство во ракомет официјално ќе заврши утре, но за нас е готово уште денеска, завесата се спушта во моментот кога македонските ракометари ќе ја минат границата и ќе се упатат кон Скопје, местото каде што ќе ги очекуваат десетици илјадници навивачи, желни да им ја искажат својата благодарност за сите моменти на радост што ни ги донесоа во последните петнаесетина дена.
 
 
 
Дали ќе бидеме во група во предолимпискиот турнир со Шпанија, Шведска или Данска е малку важно, бидејќи Македонија во Ниш и во Белград докажа дека може да се носи буквално со секого. Паѓаа пред нас селекции со огромно реноме, гиганти како Данска и Германија се радуваа на триумфи над „црвено-жолтите“ како да станале шампиони. И сето тоа не беше случајно, бидејќи Македонија дефинитивно покажа дека е дел од елитата, дека можеби некогаш била лесен плен, но никогаш повеќе нема да преценува противници ниту пак да биде потценувана од своите ривали. Доста беше „главата долу Македонче“ и „важно е да се учествува“, во последните петнаесет дена сите ние бевме горди Македонци, и во несреќните порази и во големите победи. 
 
 
 
Затоа, Македонци, да се собереме во што поголем број денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје, за да им се искаже едно огромно „Благодариме“ на новите национални херои, на македонските ракометари кои што го исполнија она што го ветија, изгинаа за секоја топка, играа со скршеници на рацете и носевите, и на крајот гордо се враќаат во татковината како петта ракометна сила на Стариот континент, оставајќи ги зад себе Германија, Полска, Исланд, Унгарија, Шведска и останатите селекции кои во иднина сигурно со далеку поголема почит ќе гледаат на Македонија на големите натпреварувања, на кои што сигурно ќе има место и за нашата селекција предводена од Лазаров, Ристовски, Мојсовски…
 
 
 
Кошаркарите навистина го покажаа патот со оној извонреден успех во Литванија, но прекрасно е чувството да се знае дека и ракометарите се дел од самата елита, дека четвртото место на Евробаскет 2011 не било случаен успех на една мала држава, туку награда за напорната работа на таа исклучително храбра нација. Сега пред нас се два предолимписки турнири, со надеж дека Македонија ќе си обезбеди олимписка виза за Лондон. Пред некое време сигурно ќе велевме „бар едните нека одат во Лондон“, но сега тоа веќе не е начин на размислување на Македонците. 
 
 
 
Затоа што кошаркарите покажаа дека можат против секого, затоа што ракометарите покажаа извонреден карактер и се вратија од оној кошмар со Данска од кој што сигурно ќе потонеа скоро сите останати селекции. Затоа што сега се излегува на терен со крената глава, како вистински Македонец, со желба да се направи чекор напред, а не три назад како што ни се случуваше во минатото. Предолимписките турнири ќе дојдат, на ракометарите во април, на кошаркарите во јули, а во меѓувреме, Македонијо, слави ги своите нови спортски херои.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.