Кошарката ја сплоти Македонија - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Кошарката ја сплоти Македонија

Кошарката ја сплоти Македонија

Во последните дваесетина дена се изнаслушавме коментари како е гордост да се биде Македонец во Литванија. Искрено си кажуваше нашиот ценет коментатор и никој не може да му земе за зло, но сакам да се знае дека кошаркарите направија да сме горди што сме Македонци и во Македонија.

Да, звучи помалку чудно и банално, но нашето секојдневие не е така розово какво што би сакале. Финансиски проблеми, поделба на луѓето од секојдневието на власт и опозиција, невработеност… сите тие фрустрации беа апсолутно заборавени. Во последните десетина дена конечно можевме да се пофалиме дека Македонија дише како еден, не постоеја веќе поделби, не постоеше ништо друго освен Марин Докузовски и неговите 12 кошаркари, кои иако на илјадници километри од нас како да ја чувствуваа потребата да ја направат оваа нација погорда и поединствена од било кога досега. И го правеа тоа на начин каков што ние обичните смртници можевме само да посакаме. Ни донесоа радост кога ја декласираа Грција, но не помислувавме дека тоа нема да биде врвот на еуфоријата.

А врвот не беше во Каунас, ниту пак ќе беше дури и да го освоевме тој толку посакуван медал. Врвот на овој златен период за Македонија, на ова неверојатно заедништво, мораше да се случи во центарот на Скопје, каде што кошаркарите ќе ја добијат почеста што ја заслужуваат. Да бидам искрен, не очекував посетеноста да биде толку масовна, сепак стануваше збор за настан „во работно време“, но за среќа многу луѓе го покажаа балканскиот менталитет, најдоа начин да побегнат од секојдневните обврски и да кажат јасно и гласно „благодариме за сето она што го направивте за нас“. Сто илјади луѓе, на едно место, сите со една желба, со една позитивна мисла, тоа е енергија што ретко се чувствува во животот. Сто илјади луѓе, а ниту еден не беше дојден ниту за Грујо, ниту за Бранко. Не беше дојден ниту поединечно за Перо, за Бо, за Дамјан или за Војдан. Сите тие дојдоа овде за Македонија, за да покажат дека ако сме нација што нема премногу причини за радување, не значи дека не знаеме како да го правиме тоа. А да бидеме искрени, ептен не бива за да создадеме еуфорија и да бидеме горди Македонци.

Кошаркарите се вистински херои, заедно со стручниот штаб и никако не смееме да го заборавиме Врбица Стефанов. Сепак, проблемот е што сега како и во многу други ситуации претходно многумина ќе сакаат да земат дел од славата. Ќе следат фотографирања по разни институции, пофалби од многу „фаци“ и директори, но ќе прашам едно: Каде беа истите тие институции, фаци и директори пред да тргне македонската експедиција за Литванија? Да не заборавиме, кошаркарите и стручниот штаб заминаа на Евробаскет 2011 со редовен лет. Се појавија шпекулации дека подоцна биле лути кога биле организирани чартери за навивачите. Не верувам лично во тоа, но и да е вистина, имаат право. Луѓето остварија успех, обезбедија учество на Евробаскет, а никој не најде за сходно да им излезе во пресрет за да можат да делуваат сериозно при пристигнувањето во Литванија. Сега, кога веќе секој дозна која е Македонија, се „собраа сили“ за да ги вратат како херои во татковината. Уште и тоа да не го стореа…

Да не излезе дека се критикуваат раководните структури, ништо подобра не беше климата ниту меѓу народот во пресрет на овој европски шампионат. Имав можност првиот меч со Црна Гора да го следам во кафуле на „Ленинова“, познатата улица „од скопската шема“. Бев шокиран кога забележав дека од десетина кафулиња во крајно збиен простор, само еден имаше на ТВ пуштен пренос од натпреварот. И тоа настан организиран од страна на брат на еден од кошаркарите… навистина трагично. Нормално, откако се совлада Грција кај сите се разбуди националната свест, се извадија плазма телевизорите на секоја тераса, се зборуваше само за кошарка, но не можам да заборавам како против Црна Гора се намалуваше тонот на ТВ „за да не им пречело на соседните кафулиња“. А Македонија играше Европско Првенство, истото тоа што десетина дена подоцна беше главен настан и по плоштадите, а не само по кафулињата.

И затоа, Перо Антиќ беше апсолутно во право кога беше бесен за многуте критики што пристигнаа до него и останатите кошаркари по тој стартен несреќен пораз. Луѓето изгинаа, одиграа херојски, немаа среќа и на крајот загубија. Со ништо не заслужија да бидат критикувани, точно е дека многу шутеви не влегоа, дека некои акции можеше да се реализираат подобро, но мора да се сфати дека кошарката е спорт, а во него за да победиш понекогаш ти е потребна и малку среќа. Важното е, кога ја немаш и кога ќе загубиш, да знаеш дека ја имаш поддршката за да се вратиш во ритам. Да бидеме искрени, кошаркарите ја немаа нашата поддршка, барем не од почетокот на Евробаскет 2011, иако ја заслужија со самото тоа што беа дел од овој елитен спортски собир.

Сепак, некои работи се учат од грешките, а мило ми е што ние како Македонци научивме многу. Пресреќен бев што веднаш по последниот пораз од Русија забележав една крајно позитивна атмосфера кон Дамјан Стојановски. Момчето промаши зицер во клучни моменти, па што. Како што кажа Марин Докузовски, она што беше создадено во Литванија, онаа хемија меѓу самите кошаркари, но и единството на нацијата, дефинитивно е позначајно од било каков медал.

Македонија има нови херои и мора да бидеме горди на нив, од Бо и Перо, па се до младиот Димчевски, кому ова искуство сигурно ќе му биде драгоцено за натамошниот тек од кариерата. Сепак, мора да се погрижиме благодарноста да остане вечна, а не да се заборави по десет дена или нешто подолго. Хемијата во тимот за која што толку многу се говореше прерасна во хемија на нацијата,  судбински или не, за прв пат во нашето 20-годишно постоење како самостојна држава. И не би сакал да мораме да чекаме уште 20 години за повторно да го почувствувам истото.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.