ИНТЕРВЈУ – Звонко ШУНДОВСКИ: Треба да учиме на грешките од минатото - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Звонко ШУНДОВСКИ: Треба да учиме на грешките од минатото

ИНТЕРВЈУ – Звонко ШУНДОВСКИ: Треба да учиме на грешките од минатото

ЕКИПА, во годината кога слави 5 години постоење, ќе се обиде да ги доближи Европа и светот поблиску до сите нас, но и да потсети на оние кои со Македонија ги остварија најголемите успеси во изминативе години.  Имаме и ние спортисти, тренери и спортски работници, кои што заслужуваат максимален респект…

Звонко Шундовски ја предводеше машката ракометна репрезентација на Македонија во најголемиот и барем засега, тешко достижен успех – петтото место на ЕП во Србија пред четири години кој ја крена нацијата на нозе и ги помести границите. Го паметиме по оној веќе „легендарен“ повик “Клавајте голови!“, кој во последно време, се  почесто го „евоцираме“.

Една година по историскиот пласман, Шундовски се повлече од селекторската функција во малку поинаква атмосфера од онаа славеничката по освојувањето на петтото место во Европа и тренерската кариера ја продолжи во Романија каде со успех работи во изминативе четири години.

Селекторот со кој македонската репрезентација го постигна најголемиот успех, и кога би се вратил 3-4 години наназад, вели дека ништо не би менувал. Неговиот рецепт за успех е меѓусебна доверба и обострано почитување меѓу селекторот и екипата. Верува во ракометниот потенцијал што го има Македонија и смета дека најдоброто допрва треба да дојде.

Еднаш рече дека во неговиот тим секогаш  ќе има место за македонските ракометари и од сезона во сезона го потврдува тоа…

СЕКОГАШ ИМА МЕСТО ЗА МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТАРИ

Стартувавте со подготовките пред втората сезона на кормилото на ЧСМ Букурешт. Какви се целите на актуелниот романски вицешампион во новата сезона во домашното првенство и во настапот во ЕХФ Купот?

“Во претстојната сезона целите на клубот се јасни. Освојување на минимум една титула во романското првенство, шампионска титула или освојување на Куп. Планираме да направиме чекор напред, имаме силен, конкурентен тим. Сакаме да го повториме настапот во ЕХФ Купот, да стигнеме до групната фаза и ако имаме малку среќа, зошто да не, да одиме и понатаму. Шампионската титула во домашното првенство, сепак, е нашата главна цел за оваа сезона. Не очекува возбудлива сезона, посебно во романското првенство каде 3-4 екипи се сериозни кандидати за титулата.“

sundo 1

Веќе неколку години сте во Романија, со Констанца станавте шампиони на Романија, на пат сте тој успех да го повторите и со ЧСМ Букурешт. Дали условите за работа во клубовите во Романија се подобри од оние во Македонија? Може ли да се направи паралела и какво е вашето видување за актуелните состојби во македонскиот клупски ракомет?

„Во Романија работам четири години, на почеток сум на петтата сезона. За овие четири години , со клубовите во кои работев, освоив седум титули и тоа шест со ХЦМ Констанца, два пати шампион на Романија, два пати освојувач на купот на Романија, и два пати освоив Суперкуп на Романија. Учествував на Ф4 турнирот од ЕХФ Купот во Берлин во 2013/2014 година. Со ЧСМ Букурешт минатата сезона освоивме Куп на Романија и бевме вицешампиони на Романија.

Условите за работа во Романија се многу добри, се работи професионално и посветено и нивото на романскиот ракомет е во пораст последните години. Неблагодарно е и невозможно да се направи споредба со македонскиот ракомет, пред се заради тоа што Романија е држава со голем број на жители, околу 12 пати повеќе од Македонија. Лигата е доста голема и многу изедначена. Секој може да победи секого, што го прави уште потешко континуираното останување на врвот. Се вложува во ракометот. Радува фактот што за селектор е назначен Чави Пасквал, што е јасен показател дека ракометот во Романија е на добар пат и квалитетот е во нагорна линија. Кога станува збор за состојбата во македонскиот клупски ракомет, би рекол дека има огромен простор за напредок и нови вложувања. Со тоа би се зголемил квалитетот на сите клубови во нашата држава од што најголем бенефит би имал македонскиот ракомет како и македонските ракометари, поединечно.“

mojso-sundo-csm

Лани му излеговте во пресрет на Наумче Мојсовски кога беше без клупски ангажман по неколкумесечна пауза. Од оваа сезона во составот на ЧСМ Букурешт е Гоце Георгиевски. Ќе има ли уште некој Македонец во тимот на Звонко Шундовски?

„Секогаш кога има можност, во мојот тим ќе има место за македонските ракометари.“

Романија е се почеста дестинација за македонските ракометари. На што се должи тоа и колку во тоа има удел „македонското лоби“?

Романија е голем пазар за македонските ракометари и секако дека во тоа голем удел има т.н.  македонско лоби но, исто така голем фактор е и квалитетот и постојаното докажување на нашите ракометари.“

НАЈДОБРОТО ОД МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ ДОПРВА ДОАЃА

Вие сте последниот македонски селектор на клупата на сенироската репрезентација на Македонија и дел од најголемиот и засега се уште недостижен успех на најдобрата македонска репрезентација.  Дали петото место на ЕП во Србија беше врвот или оваа генерација можеше повеќе?

„Сметам дека оваа генерација може повеќе. Селектор е Лино Червар, кој покрај тоа што е мој добар пријател, е исклучителен тренер. Репрезентацијата зад себе има сериозна федерација , услови кои секој репрезентативец би ги посакал, натурализирани и млади играчи кои повеќе години работат со Лино Червар и сметам дека најдоброто од македонскиот ракомет допрва доаѓа.“

Од сегашна перспектива, што би смениле кога би се вратиле 3-4 години наназад во периодот кога бевте селектор на Македонија?

„Ништо не би менувал. Секогаш се фокусирам на целите на тимот, а не на персоналните интереси. Тоа го правев тогаш, тоа го правам и сега. Сите мои постапки вклучително и мојата оставка беа во таа насока. Во колективниот спорт поединецот е карика, тимот е тој кој победува.“

Zvonko-Šundovski1

Сметате ли дека останаа неискористени шанси на македонската репрезентација, пред се во двата циклуси на олиписките квалификации, прво за ОИ во Лондон, а четири години подоцна и за ОИ во Рио?

„Што се однесува  на Гетеборг, сметам дека шансите реално беа многу мали, имајќи го предвид фактот што за противници ги имавме Унгарија, Шведска, Бразил. Нашите противници формата ја темпираа за тие квалификации, а ние бевме во еуфорија после ЕП 2012, тоа беа први квалификации за ОИ, влеговме со нереални проценки за своите можности.

За ОИ во Рио, сметам дека шансите беа поголеми, условите подобри, противниците поволни. Пропуштена е добра можност, но не гледам дека на тоа треба да се гледа како на трагедија. Треба да учиме на грешките од минатото, и од секоја пропуштена можност да излеземе поискусни и посилни.“

Како гледате на моменталната состојба во македонската репрезентација, со промените и смената на генерациите, има ли потенцијал во младите македонски ракометари од новата генерација?

„Потенцијал секако дека има. Факт е дека Македонија е ракометна нација што ни дава за право да се надеваме на уште поголеми успеси и светла иднина на нашиот ракомет.“

ДОБАР ТРЕНЕР ОД ПОЕДИНЕЦОТ ЗНАЕ ДА ГО ИЗВЛЕЧЕ НАЈДОБРОТО

Имаме континуитет во настапите на големите натпреварувања, но успехот од Србија, засега останува недостижен. Што му треба на македонскиот репрезентативен ракомет и на македонската репрезентаци за да се повтори и евентуално да се надмине тој пласман ?

„Не постои рецепт за успех. Работата во репрезентацијата е процес, кој во многу сегменти е различен од клупскиот ангажман. Тајната е во континуирана работа, надградување и користење на искуствата од минатото. Во работата со репрезентација клучни моменти за успех се меѓусебното разбирање, обострана доверба и почитување помеѓу селекторот и екипата на сите нивоа на соработка.“

sundo-csm-dobra2

Дали во некоја блиска иднина би се вратиле и би ја продолжиле тренерската кариера во Македонија?

„Не знам што ќе донесе иднината. Ништо не е исклучено. Но, секогаш сум фокусиран на сегашноста и зацртаните цели на моменталниот ангажман.“

Добар тренер прави добра екипа, или пак, добра екипа го прави подобар секој тренер?

„Добар тренер е оној кој ќе успее од секој поединец да го извлече најдоброто и да го стави во интерес на екипата. Синергијата помеѓу тренерот и екипата е неопходна за успех. Не сметам дека добра екипа може го направи тренерот подобар од тоа што е. Добар тренер е онoј кој со екипата која му е на располагање ги поместува границите на можностите на таа екипа.“

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.