ИНТЕРВЈУ - Вели Мумин: Со леб и домати освојував медали, а државата ме заборави... - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Вели Мумин: Со леб и домати освојував медали, а државата ме заборави…

ИНТЕРВЈУ – Вели Мумин: Со леб и домати освојував медали, а државата ме заборави…

Повеќе од 400 мечеви во својата кариера, трипати освојувач на „Златен гонг“, исто толку пати избран за „Спортист на годината во Република Македонија“, бронзен медал на Европското првенство во Бугарија, 2006 година. И уште многу успеси сплотени во еден човек – Вели Мумин. Еден од нашите најдобри боксери во изминатите две децении, во интервју за ЕКИПА, реши да ни открие интересни детали од неговата кариера, неговиот живот, и на сликовит начин се потруди да ни ги опише маките и страдањата кои ги имал како боксер, и како освојувал медали.

Негов последен настап беше на Светското првенство во Казахстан, во 2013 година, и оттогаш тој се повлече од боксот. Иако, според последните промени во овој спорт, тој може да боксува уште неколку години, вели дека е изморен од животот, и од барањето на спонзори и финансии, кои го исцрпиле.

IMG_5919

„Со СП во Казакстан, 2013 година, заврши мојата боксерска кариера. Иако можам да боксувам уште 2-3 години, се чувствувам мошне изморено. Условите во кои работев во мојата кариера беа катастрофални, што се вели – со леб и домати освојувавме медали. Се истрошив од барање на спонзори, финансии од МОК, кој според мене, е еден виновниците што многу млади спортисти предвреме се откажуваат. Добивавме мизерни стипендии,а мислам дека своја вина си има и државата“ – го отвора срцето Мумин.

Веднаш по завршувањето на кариерата, тој и неговата сопруга ја отвораат боксерската академија „Вели Мимун“, во која се воведени и шест други спортски дисциплини, а една од најинтересните е бејби-фит, кој е наменета за трудниците, кои вежбаат заедно со своите бебиња.

„Веднаш по завршувањето на мојата кариера, отворив боксерска академија „Вели Мумин“, во која воведов и шест други спортски дисциплини. Во Академијата има и бејби-фит, спорт кој е наменет за трудници, кои можат да вежбаат со своите бебиња заедно, за да се вратат во форма. Тој спорт полека го развивам, и од моето долгогодишно искуство, што сум го видел насекаде, можам да потврдам дека бејби-фит успешно се имплементира и кај нас. Има многу љубители на овој спорт, и пет телевизии веќе дојдоа да снимаат, затоа што е нешто ново и непознато за луѓето. Воведување на ваква дисциплина е идеја на мојата сопруга, која сака постојано да биде со моите два сина, а сака и да вежба. Имаме воведено и пилоксинг, кој е мешавина од бокс, зумба, кик-бокс, пилатес вежби, каде што целото тело зацврстува. Во бејби-фитот, имаме соработка со гинеколошка ординација д-р. Лозанковски, кој еднаш месечно доаѓа и се консултира со трудниците. Исто така, соработуваме и со нутриционист, кој прави посебна исхрана за мајките и за бебињата. Јас го имам одделот за бокс и самоодбрана за деца, каде што повеќе работам со рекреативци. Нема услови за да направиш врвен спортист, а таленти има навистина многу. Ќе воведам уште една дисциплина, која се вика Таи-бо, која содржи елементи од кик-боксот, и во светот е многу распространета. Има многу кардио-вежби, и мислам дека полека – полека целото свое знаење и искуство ќе го предадам на членовите во Академијата, и на луѓе кои го сакаат овој спорт. Планираме, во блиска иднина, Академијата да склучи договор со Агенцијата за млади и спорт и со Факултетот за физичка култура, и тогаш проектот ќе биде целосен“ – вели 35-годишниот боксер.

Боксот во Македонија во последните неколку години е во потполна агонија, и полека заминува во некаков заборав. Вели Мимун се присетува и на 90-те години на минатиот век, кога боксот имал свој посебен третман, свое посебно значење, а условите за работа биле далеку поквалитетни од моменталните.

IMG_5921

„Бев 10 години во Бугарија, и едноставно им завидував на тамошните боксери. Колкава е разликата на третманот на боксот кај нас, и кај нив – огромна. Финансиски се подобро потковани, условите за тренинг се фантастични. Тие по завршувањето на кариерата, или се во полицијата или се во армијата, и таков третман треба да имаме и ние, како спортисти кои сме правеле успеси за Македонија. Во 2003 во Бангкок, Тајланд, наместо јас да го освојам медалот, го совои Германец. Така одлучија организаторите на СП, иако резултатот беше нерешен на рингот. Но, до некаде со право го зеде тој медал. Тој со себе имаше група од околу 30 луѓе- масери, тренери, доктори, а од другата страна бевме само јас и мојот тренер, кои бевме како легионери“ – истакнува Вели Мумин.

Во нашата држава, според Мумин Вели, многу повеќе се вложува во останатите спортови, во кои не се остваруваат некои сензационални резултати. Мумин смета дека доколку Македонија сака во иднина повторно да освои олимписки медал, ќе треба многу повеќе внимание да им посвети на боксот и на борењето.

„Доколку Македонија некогаш во иднина сака медал од Олимписки игри, ќе мора да вложи во боксот и во борењето, затоа што преку нив најбрзо може да се оствари успех. За останатите спортови треба време, и процес кој бара големо трпение, а и многу повеќе вложувања. Веројатно ние сакаме се одеднаш, и не знаеме да ги цениме овие спортови“ – изјавува нашиот прославен боксер.

Иако има 35 години, а со последните промени во Светската боксерска асоцијација, боксерите ќе можат да се натпреваруваат до својата 38. година, Мумин засега нема намера да се врати во рингот. Можеби посакува на еден начин, но, неговото разочарување од Македонскиот Олимписки Комитет е огромно, и само доколку се направат промени, тој повторно ќе облече ракавици на себе.

„Би се вратил повторно во ринг, но, се додека е таква поставена органзизацијата во МОК, не планирам да облекувам ракавици. Криво ми е, и мака, што боксот и борењето не се вреднувани дисциплини. Ако во блиска иднина се смени нешто, тогаш со задоволство и огромна љубов ќе се вратам, и ќе ја претставувам Македонија на некое натпреварување“ – истакнува Мумин.

Тој се обиде на сликовит начин да ни ја пренесе тежината на овој спорт, додавајќи дека боксот бара не само физичка, туку и огромна психичка подготвеност, а режимот на исхрана е на радикално ниво.

IMG_5925

„Боксот е еден од најтешките спортови. Тука мора да си физички и психички подготвен на највисоко можно ниво. Режимот на исхрана е ригорозен, и мора да се биде прецизен со килограмите пред одреден настап, на задолжителното мерење. После Европско или Светско првенство, мене ми требаа најмалку два месеци да се стабилизирам , и организмот да ми функционира нормално. Во боксот мора да ги имаш сите суплементи. Иако си подготвен, мора да имаш масажи, сауна, кои ќе те вратат за следниот меч. Ако тоа недостига, мускулите слабеат, се грчат, и ти си неспособен да се бориш на следниот дуел“ – раскажува Вели Мумин.

Според Мумин, заинтересираноста за нови боксери во Македонија се повеќе и повеќе се намалува, и тој не гледа дека ќе биде заменет од некој друг наш боксер во блиска иднина. Исто така, тој упати силни критики кон сите федерации, кои постојано молчат пред МОК, и не си ги бараат своите права.

„После моето пензионирање во 2013 година, не гледам некој боксер што ќе ме замени мене, за жал. Боксерската федерација веќе три години е со блокирана сметка, немаат финансии од никаде, раководството е лошо, клубовите некогаш ќе отидат до соседните држави на некој натпревар, но, тоа е премалку. Сите спортски федерации молчат пред Македонскиот Олимписки Комитет, и не знам зошто е тоа така. Честопати ќе ги залажат со некои хонорари, некои патувања и слично. Од нивниот годишен буџет од можеби милион евра, кој го добиваат од Меѓународниот Олимписки Комитет, кој секоја година ги помага за подигање на нивото на спортот во државата, околу 800.000 евра одат за авионски карти, патувања, хонорари, а само 2.5 илјади долари годишно за стипендирање на спортист“ – со разочарување соопштува овој веќе пензиониран боксер.

И покрај толку освоени медали и успеси во својата кариера, Вели Мумин не успеа да учествува на Олимписки Игри. Сепак, тој смета дека несоодветниот третман што го имаат боксерите во Македонија, е огромна пречка за тој олимписки сон.

„Кога немаш соодветен третман, соодветни услови, тогаш не можеш да исполништ норма за Олимписки Игри. Европа, за разлика од нас, е многу понапредна во боксот, па се воведе и женскиот бокс. Многу е тежок процесот на тренинзи, и мали се шансите да ја претставуваш Македонија на ОИ. Многупати, со боксерската екипа не сме плаќале ниту хотели, сме се снаоѓале, само за да успееме, ама и тоа не е доволно. Како и да е, најголема пречка се финансиите, а потоа следува сето останато“ – истакнува Мумин.

Факт е дека спортот во Македонија е далеку од професионален, а Мумин тврди дека не може да се живее од бокс во нашата земја.

IMG_5924

„Од боксот, не може да се живее во Македонија. Тоа се некои смешни хонорари, со кои не можеш да преживееш во добри услови. Спортските стипендисти во Македонија заработуваат по околу 200 евра месечно, додека пак во Англија земаат околу 3500 фунти како стипендија. Во последно време, спортот во Македонија е бизнис, со цел федерациите да направат некој профит за себе. За жал, загубена е вистинската вредност на спортот воопшто“ – размислува Мумин.

Со бокс започнал да се занимава од мали нозе, иако тренирал и карате, кунг-фу, и фудбал. Доколку неговиот животен пат не бил ваков каков што е, веројатно ќе се занимавал со сликање, велејќи за себе дека е уметничка душа. Исто така, во 2009 година беше посветен филм на Вели Мумин, кој се вика „Патот до Лондон“, преку кој се опишува макотрпната работа на нашиот боксер, а тој најави дека следната година, ќе биде испечатена и неговата книга „Преку трње до ѕвездите“.

„Во мојот живот тренирав карате, кунг-фу, фудбал, но, најмногу се пронајдов во боксот. Доколку не бев боксер, најверојатно ќе бев сликар. Сум учествувал на многу емисии , каде што беа прикажани моите уметнички дела, кои добија добри критики. Филмот се вика „Патот до Лондон“, и го опфаќа животот и тешкотиите на Вели Мумин.  Тој филм не беше поддржан од ниту еден спонзор од Македонија, со финансии помогна само една странска медиска куќа. Во Швајцарија беше избран за најдобар филм со спортска тематика за таа година, и беше прикажуван уште на неколку места. Секогаш се смееме со боксерите: ’Роки Балбоа може вода да ни носи, во однос на тоа во какви услови сме работеле ние, за разлика од него во филмот’. Ќе биде публикувана и книга за мојот боксерски век, која носи наслов „Преку трње до ѕвездите“. Требаше да излезе оваа година, но, некои работи не можеа да се случат, и очекувам нејзина промоција веќе наредната година“ – заврши Вели Мумин.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.