ИНТЕРВЈУ - Јовче Џипунов: Само сплотени можеме да му помогнеме на фудбалот - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Јовче Џипунов: Само сплотени можеме да му помогнеме на фудбалот

ИНТЕРВЈУ – Јовче Џипунов: Само сплотени можеме да му помогнеме на фудбалот

Низ нашиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар, продефилирале големи имиња и легенди на македонскиот фудбал. Панчев, Најдоски, Канатларовски, Савевски, Рингов, Јаневски, претходно и Џина Николовски, Мето Спасовски, Кочо Димитровски, но, никако не смееме да го заборавиме Јовче Џипунов – играчот со вонсериски талент, неверојатен виртуоз со топката, фудбалер кој остави голем белег во „црвено-црниот“ дрес. Тоа е онаа прославена „златна генерација“ на Вардар, која „газеше“ се пред себе на бившите југословенски простори. После завршувањето на својата кариера, Џипунов продолжи да работи со младите таленти, еден период и во јуниорските и пионерските категории на Вардар, а пред повеќе од една деценија ја формира својата фудбалска школа „Форца“.

Во пресрет на пријателските натпревари на репрезентацијата на Македонија, ЕКИПА одлучи да поразговара со Џипунов, за спортските проблеми во нашата држава, очекувањата и надежта за подобро утре во фудбалот.

Македонија како држава со спортско поднебје, никако не може да се пофали со посетеноста на стадионите додека се играат првенствените натпревари од Првата лига, а посебна „болка“ е празниот стадион кога игра репрезентацијата. Џипунов тврди дека во Македонија не постојат лоши фудбалери, но главна причина за слабите резултати на националната селекција, се базираат на лошата посетеност на стадионите. Едноставно, фудбалерите ја немаат потребната поддршка од публиката.

IMG_6453

„Во Македонија, фудбалот е мошне тежок за играње. Стадионите се катастрофални, играчите играат без пари, но, не постојат лоши фудбалери. Освен во Вардар, Работнички и Шкендија, во другите клубови состојбата е лоша. Друг клучен фактор, освен финансиите, се и празните стадиони. Се изгуби еуфоријата, каква што беше во наше време. Кога настапував за Вардар, ми беше драго да излезам на стадион, бидејќи знаев дека ме чекаат 30 илјади луѓе, и до 20 минута, ние имавме позитива од 2-0 над противникот. Сега на прволигашките натпревари посетеноста е слаба, кога игра репрезентацијата – исто така. А кога зборуваме за репрезентацијата на Македонија, тоа треба да биде празник за луѓето, ако треба од прво и бесплатен да е влезот, но ние сите заедно мора да и помогнеме на нашата национална селекција. Ние како генерација на Вардар, одговорно ви тврдам, не бевме воопшто подобри од овие играчи кои  сега играат во репрезентација, но штом ќе видиш полн стадион, сите бариери се уриваат. Публиката си го прави своето, ти дава дополнителна сила.  Кога играше Вардар, место за паркинг не се наоѓаше, и луѓето сакаа фудбал, да дојдат, да навиваат. И Кристијано Роналдо сега да дојде во Македонија, и да игра на празен стадион, ќе игра лошо“ – истакнува Џипунов.

Тој смета дека до значаен резултатски исчекор, и скок од 138. позиција на ФИФА ранг-листата, што во моментов ја има македонската репрезентација, може да се дојде само доколку фудбалските работници во Македонија бидат сплотени, работат сите заедно, како едно фудбалско семејство, за доброто на нашиот фудбал. Треба секој да го даде својот придонес, на секое поле, во федерацијата, во репрезентацијата, во клубовите, во фудбалските школи.

IMG_6450

„За да можеме да ја подобриме состојбата во македонскиот фудбал, и репрезентацијата воопшто, треба да се соединиме сите заедно, и посветено да работиме на излегување од резултатската криза. Нема потреба да се делиме на „обединети“ и останати. ФФМ и клубови, Вардар, Шкендија, Работнички, и сите останати, треба меѓусебно многу повеќе да се почитуваат. Тоа е најголемиот проблем за нашиот спорт воопшто. Мора да има меѓусебен респект. ФФМ е институција која треба да се почитува, и тоа треба да го прават нашите тимови, а не да се мразат меѓусебно“ – заклучува поранешниот „вардарец“.

Вардар и понатаму е во фокусот на Јовче Џипунов, и има свој став за актуелниот развој на „црвено-црниот“ клуб.

„Пред пет години, Вардар немаше за прашок, и после некој период, почнаа да се расфрлаат со пари. Во клубот дојдоа многу странци, и мислам дека тоа е голема грешка. Доколку се некои вонсериски фудбалери, тогаш вреди да се трошат финансии на нивни ангажмани. Се помалку се дава шанса на нашите, домашни фудбалери, кои не се со помал квалитет, и веднаш мотивот на македонските фудбалери се губи. Да се разбереме, од друга страна е добро што нашите македонски интернационалци се враќаат да играат во Вардар. Тоа носи дополнителен квалитет. Исто така, одлично е што клубот гради своја база, ги подобрува условите за фудбалерите. Еве, и оваа година, Вардар веројатно повторно ќе ја освои титулата, но, не е се во тоа. Излез во Европа, и поминување на неколку кола – тогаш приказната ќе биде друга“ – вели Џипунов.

Пред почетокот на оваа натпреварувачка сезона, за нов тренер на Вардар беше поставен нашиот поранешен репрезентативец, Гоце Седлоски, а таа постапка не му е до крај јасна на Џипунов, кој смета дека тренерската функција на „црвено-црниот“ тим треба да ја извршува дете на Вардар, кое правело успеси со клубот.

„Не разбирам зошто некое дете на Вардар не може да биде тренер на клубот, сигурно има многумина кои го заслужуваат тоа со сето она што во минатото го направиле за овој клуб. Го ценам Гоце Седлоски, но мислам дека клубот треба да има малку поинаква стратегија, да им дава малку повеќе шанса на тренерите кои работат таму веќе подолг период“ – заврши Џипунов.

Се наметна и една друга тема, која сега е повторно многу актуелна. Некогашните фудбалски легенди сакаат активно да се вклучат во акцијата за подобар фудбал во Македонија, под името „Обединети за фудбалот“. Нивен фронтмен е Дарко Панчев.

IMG_6456

„За тоа какво име беше Дарко Панчев не треба ни да зборуваме. На времето, според популарноста, мислам дека требаше да биде градоначалник на Скопје. Но, знаете како….Сите ние треба да сфатиме дека нашите играчки кариери одамна завршија. Велиме, игравме ние во Вардар. Па, добро, и не е веќе сега тоа некој „епитет“ за пофалба. Кога денеска ќе излезам низ Скопје, гледам дека речиси сите играле за Вардар. Не е толку важно дека некогаш си бил најдобар, туку како да останеш најдобар, како да се задржиш на врвот. Треба да помогнеш, да се вклопиш во новото време. Не велам дека не треба да има место за сите нас, напротив, но ако се делиме во фудбалот, тогаш ништо и не сме направиле. Моето мислење е дека сите треба да го дадеме својот придонес. Не сакам јас да ’терам политика’, пријател сум со сите, и верувам дека за сите може да има место, но само доколку сакаат навистина да работат“ – истакнува Џипунов.

Во неговата фудбалска школа „Форца“ членуваат повеќе од 300 деца, и Џипунов тврди дека во нашата земја постојат големи таленти, кои се усовршуваат со напорен труд и работа.

„Во мојата школа има повеќе од 300 деца, и можам да кажам дека Македонија има големи таленти во фудбалот, и со голема љубов работам со нив. Се додека учат од мене на правилен начин, знам дека еден ден ќе бидат добри фудбалери. Тенхиката, шутот, физичката подготвеност се основни во фудбалот, и сето тоа, со големо внимание му го покажувам на секое дете, заедно со останатите тренери од школата. Луѓето препознаваат дека се работи добро, и токму затоа и опстојуваме напорно повеќе од една деценија. Во мојата школа, доаѓале и деца кои не биле толку талентирани, но со посветеност и со работа, сепак станаа добри фудбалери“ – раскажува легендата на „црвено-црните“.

Кој не би сакал да научи финта од Џипун…

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.