ИНТЕРВЈУ - Илчо НАУМОСКИ: За Вардар нема иднина со Седлоски и шпионите околу него! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Илчо НАУМОСКИ: За Вардар нема иднина со Седлоски и шпионите околу него!

ИНТЕРВЈУ – Илчо НАУМОСКИ: За Вардар нема иднина со Седлоски и шпионите околу него!

ЕКИПА, во годината кога слави 5 години постоење, ќе се обиде да ги доближи Европа и светот поблиску до сите нас, но и да потсети на оние кои со Македонија ги остварија најголемите успеси во изминативе години. Имаме и ние спортисти, тренери и спортски работници, кои што заслужуваат максимален респект…

================================================================

Ако некое име македонските љубители на фудбалот го препознаваат како синоним за максимална посветеност кон националниот дрес и негување вистински култ кон репрезентативните бои тогаш тоа сигурно е Илчо Наумоски… Фудбалерот кој зад себе остави 45 репрезентативни настапи, дел од можеби најдобрата наша репрезентативна генерација во периодот од 2005 до 2012 година а препознатлив и како едно од најголемите фудбалски имиња во историјата на австриски Матерсбург, како и секогаш отворено, без „влакна на јазикот“ во разговор за ЕКИПА за својата кариера, разочарувањата и радостите, и горчината која ја носи од одредени лица по заминувањето од Вардар, каде по тешката повредата, ја заврши својата играчка кариера.

„Во моментов сум некако на релација Скопје – Виена, заокружувајќи го полека и едуцирањето за добивање на тренерската А-лиценца. Мојата желба е и во иднина да продолжам со фудбалот, обидувајќи се и во тренерските води низ кои верувам може да бидам успешен како и во играчката кариера“ – вели Наумоски, со кого разговорот го почнуваме некако од крајот, со погледите кон иднината, и некако наметнатото прашање дали може наскоро ќе го видиме како тренер во Македонија…

„Не, да бидам искрен, сепак, моите погледи и амбиции се насочени кон работа во некој од европските клубови, можеби во Австрија… Не се гледам како тренер во Македонија, иако секако како некој кој многу си ја сака својата земја, не знаете што ќе ви донесе иднината. Но, во моментов не размислувам за ангажман во Македонија“.

А, минатато донесе за Наумоски несакан крај на играчката кариера, предвреме прекината по онаа повреда во дресот на Вардар на дуелот против Работнички на 15. март 2014 година, кој беше последен во неговата играчка кариера. Имаше ли можност, сепак, да се вратиш на терените?

„Не, навистина не. Се обидов со се, но и најелитните европски лекари ми рекоа дека ја имам една од најтешките спортски повреди, после која е тешко да се вратите дури и на помлади години. Минав низ бројни третмани, имав одлична грижа и во ’Аџибадем Систина’, бев и во Даровар, посетувајќи ги и најдобрите лекари во Австрија и Германија, но се беше залудно. Ги минував тогаш најтешките моменти во мојот живот. Срцето ме боли затоа што верувам дека можев да играм уште четири-пет години, но ете… Ја оставив ногата за Вардар, но не жалам. Не жалам затоа што, сепак, играв за најголемиот македонски клуб. Тоа ми беше желба и некаква утеха по сите тие проблеми, иако доживеав огромно разочарување од некои лица кои сега се во и околу Вардар“ – вели поранешниот македонски офанзивец.

Naumoski na promocija na  Vardar

Сепак, Наумоски остана уште една година потоа во редовите на „црвено-црните“…

„Да, договорот ми беше испочитуван до крај, и сето тоа благодарение на Сергеј Самсоненко, за кого имам само пофални зборови и кој беше навистина коректен со мене до крај. Е, сега друг е проблемот што во Вардар се напикани разно-разни лица кои немаат никаква врска со фудбалот, и од еден куп директори кои не знаат што работат и кое им е местото па се до тренери кои очигледно се далеку од очекувањата на навивачите. Чудно ми е, затоа што знам колкав е сега буџетот во Вардар, знам какви се условите а игрите и резултати на тимот смешни… Затоа што да не се залажуваме. Јас дојдов во Вардар точно во моментите кога Самсоненко го презеде клубот и многу добро знам дека ни беше кажано дека овој Вардар се гради само за европски успеси, а на домашната сцена титулите воопшто не треба да бидат доведувани во прашање. И сега, по три години гледаме дека Вардар не само што нема успеси на европска сцена, туку е очаен не можејќи да мине ниту едно квалификациско коло. И, сега титулата на домашна сцена е само некој да се оправдува, и прикрива зад неа“ – коментира Наумоски, и дополнува:

„Да бидам искрен јасно е дека Вардар пати од тренерите. За Вардар нема иднина со Гоце Седлоски и сите шпиони околу него. А, кои се тие шпиони кои само му штетат на клубот а гледајќи ги само своите лични интереси, фудбалската јавност и навивачите на клубот многу добро знаат. Додека не се исчисти тоа Вардар никогаш нема да успее да биде европски клуб. Верувајте ми затоа што многу добро сум запознаен со состојбите во клубот. Погледнете ги игрите на терен, па и резултатите, кои воопшто не одговараат со буџетот и условите кои ги има тимот, и се ќе ви биде јасно… Седлоски покажа дека не знае да биде стратег, педагог, и дека добар играч не мора да значи и добар тренер. Тренер кого повеќе го интересира што и како му ’лајкуваат’ играчите на фејсбук и со кого пијат кафе отколку фудбалската стратегија…, па потоа дели забрани и казни врз основа на тоа кој со кого и како се дружи. Се е кажано. Ова го мислат и добар дел од играчите на Вардар, но нормално се плашат јавно да го кажат. Посебна приказна е што Седлоски, пак, воопшто не го носи Вардар во срцето како за нешто свое. А, Вардар треба да се доживува од срце за да можеш да успееш со него. Јас многу добро го знам мислењето на Седлоски за Вардар. Кога играв за Вардар тој беше тренер на Хоризонт Турново, и многу добро знам какви се не зборови употребуваше кога ќе се спомне Вардар“.

НАВИВАЧИТЕ СО ПРАВО СЕ РАЗОЧАРАНИ ОД ВАРДАР

Naumoski so Sedloski 2Судејќи по овие зборови, лоша била разделбата со Гоце Седлоски при вашето заминување од Вардар… „Пукнало“ вашето пријателство добро препознатливо од репрезентативните денови?

„Кога од најблискиот пријател ќе добиете нож во грб, човек на кого сте му отворале пат во Матерсбург и во Австрија и како играч и потоа и како тренер, затоа што сите знаат за моите релации во австрискиот фудбал, тогаш не може а да не се потсетувате со горчина… Но, не сакам да зборувам за деталите. Среќен сум што и целата фудбалска јавност во Скопје виде за каков човек се работи, со каква ’чест’ и карактер. Со односот кој сега го демонстрира во клубот сам си ’плука’ на сите оние 100 репрезентативни настапи. За тоа многу добро знаат и сите кои се барем малку вклучени во фудбалот. Не треба јас да зборувам“ – вели Наумоски со изненадувачки, за нас, револт.

Вардар не ги исполнува очекувањата на своите навивачи и македонската фудбалска јавност…

„Како да ги исполнува кога не е ниту блиску да мине барем едно квалификациско коло во Европа. Ви тврдам дека Динамо Загреб оваа сезона никогаш не бил послаб во последните 20 години, а Вардар не можеше да направи ништо повеќе, и покрај онаа привидна надеж во Загреб. Толку вложувања а резултати никакви. Место да се оди со полна енергија и желба за успех, што е уште поизненадувачки луѓето од Вардар изјавуваа како им е чест да играат против клуб како Динамо. Е, што е честа? Зарем Вардар треба да се самопонижува. Се додека ни е само чест што играме во Европа, никогаш нема да победуваме. Па, затоа гледам навивачите со право се разочарани од Вардар. Како после сакаме полни трибини?“.

НЕ МИ ТРЕБА ПАРТИЈА ЗА ДА БИДАМ МАКЕДОНЕЦ

Илчо Наумоски за македонската фудбалска јавност е препознатлив по начинот на кој играше во македонскиот дрес, секогаш, како што самиот вели, ’од срце до максимум’… Беше еден од најдобрите фудбалери во периодот на селекторување на Сречко Катанец, творецот на нашите победи против Шкотска и против Хрватска во Скопје.

Naumoski reprezentacija

рамка - вестСе откажа во 2001 година од австрискиот пасош, само да игра за Македонија, и покрај отворениот повик тогаш за настап во австриската репрезентација.

„И горд сум што играв за мојата Македонија. Во 2001 година имав огромен притисок да играм за Австрија. Роден во Виена, фудбалски растен во Австрија, откако ги минав сите младински селекции на таа земја, веќе добив повик во сениорскиот тим, но се одлучив да се откажам од австрискиот пасош и да го земам македонскиот. Искрено, не знам кој друг би го направил тоа. Сега кога ќе погледнам наназад, сум се откажал од настап на ЕП 2008 и можеби на ЕП 2016 со тој мој чин. Но, воопшто не жалам и не се каам. Напротив. Горд сум што бев дел од македонската репрезентација. Мене не ми треба партија за да бидам Македонец. Се каам единствено што се вложив за поединци-шпиони од Македонија кои сега гледам не го заслужувале тоа. Но, се е школо во животот. Можеби како помлад бев малку и ’полуд’, но сега гледам некои нешта со очи широко отворени. Го нема веќе тој Илчо Наумоски, но го има истиот оној што многу си ја сака Македонија“ – вели Наумоски, притоа дополнувајќи:

„И, токму затоа што ја сакам својата земја и фудбалот во неа срце ме боли кога ги гледам актуелните резултати на репрезентацијата. Криво ми е кога гледам и колку политиката навлегла во фудбалот. Затоа сум малку разочаран при секое доаѓање во Македонија. Не ми е мило кога гледам бројни лица во клубовите кои немаат абер од фудбал. Но, и тоа ќе се смени“.

рамка - трансфер

Кога се потсетува, пак, на деновите минати низ оние 45 репрезентативни натпревари ќе рече…

„Имавме навистина убава атмосфера во репрезентацијата. Големи играчки имиња како Пандев, Новески, Седлоски, Шумуликоски, Митрески, Петар Милошевски… Ако треба да спомнам, пак, селектори кои според мене биле најдобри за Македонија тогаш сигурно е Сречко Катанец. Навистина голем тренер, со огромно фудбалско познавање, принципиелен до крај. Имаше ред и атмосфера тогаш во репрезентацијата. Тој се разочара по оној натпревар во Исланд кога не успеавме да победиме, по што полека веќе почна да размислува за повлекување. Од селекторите со кои сум работел би ги издвоил и Драган Канатларовски, кој исто така е голем тренер, и Мирсад Јонуз“ – завршува Илчо Наумоски, верувајќи дека, сепак, наскоро ќе следат далеку подобри денови за сениорскиот репрезентативен фудбал силно верувајќи во младата генерација фудбалери која ја очекува настапот на Европското првенство во Полска.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.