ИНТЕРВЈУ - Ѓорѓи НАЧЕВСКИ: Ретко кој има можност да ја претставува Македонија во добро светло на Олимпијада - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Ѓорѓи НАЧЕВСКИ: Ретко кој има можност да ја претставува Македонија во добро светло на Олимпијада

ИНТЕРВЈУ – Ѓорѓи НАЧЕВСКИ: Ретко кој има можност да ја претставува Македонија во добро светло на Олимпијада

Македонија нема спортисти за олимписки медали, но сепак има олимпијци за големо финале. Најдобрите македонски судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, ќе ја делат правдата на олимпискиот ракометен турнир во Рио. Заедно со Драган Начевски кој е меѓу делегатите на ИХФ, тие ќе ја бранат честа на македонскиот ракомет на најважниот спортски настан, откако машката ракометна репрезентација на Македонија не успеа да се квалификува за настап во Рио.

За Начевски и Николов ова е втора Олимпиајда по ред, по учеството на ОИ 2012 во Лондон. Во интервјуто за ЕКИПА, Ѓорѓи Начевски истакнува дека Олимпијадата е голема чест и признание за нивната работа. По многу отсудени натпревари на европските и на светските првенства, олимписко финале е сон и врв на кариерата.

Кои се фаворитите за олимписките медали, кои натпревари се најлесни, а кои најтешки за судење, што ќе донесат новите ракометни правила кои стартуваат на ОИ во Рио, каде е Македонија на светската ракометна мапа и зошто сме блиску, а сепак далеку од ракометниот врв, од прва рака…

ВТОРА ОЛИМПИЈАДА – ЗАСЛУЖЕНО

– После Лондон, на ред е Рио. Македонски судии на втора Олимпијада по ред. Што значи тоа за тебе, за вас како судиска двојка, за Македонија и за македонскиот ракомет?

„Втора Олимпијада мислам дека веќе е показател дека сме на вистинскиот пат и дека во изминатиов период сме работеле како што треба. На минатото Светско првенство го судевме натпреварот за бронза, на европските првенства исто така судевме за третото место, полуфинале, четвртфинале на СП во Катар…така што ова беше само една потврда за добрата работа. Втора Олимпијада за нас претставува еден огромен успех. Ретко на кого од кај нас му успеало да има втора Олимпијада заслужено, морам тоа да го потенцирам, бидејќи на последните две Олимпијади, во Лондон и сега во Рио, за жал никој од кај нас не успеа да го постигне тоа. Но, од нашиве институции никој не го ни споменува тоа, да не зборувам пак за некакво признание за нашата работа и за овој успех.“

nace slave london

– И, тука неминовно се наметнува прашањето за македонскиот олимпизам, за нормите и резултатите на македонските спортисти на ОИ…

„Можеби е неблагодарно јас да го кажам, но мора да ставиме акцент на нешто. Ако мислиме дека ракометот може да донесе резултат, тогаш во тој четиригодишен циклус ќе ставиме акцент на ракометот. Со пливачите навистина е веќе преку глава. Се инвестира во нив, се даваат стипендии, еве, за на крај да не можеме да исполниме ни норма. Можеби и на традиционалните спортови како борењето, треба да се вложи повеќе. Ние во Македонија сакаме во се да бидеме добри и на крај – нема ништо. Бугарите, на пример, иневстираат во кревање товар, одбојка, атлетика во одредени дисцилини, и се знае, борење и бокс. Во тоа инвестираат и во тоа имаат успех. Можеби е време веќе да почнеме да размислуваме во таа насока за конечно да се појавиме на Олимписки Игри со еден респектабилен тим, а не само колку да учествуваме, само да не има.“

– Сметаш ли дека имаме ракометна репрезентација за Олимпијада?

„И пред четири години кога бевме на олимписките квалификации во Шведска и сега во Полска јас сметав дека македонската репрезентација може. Но, за жал оваа генерација која е на залезот на кариерата, не успеа да го достигне она највисокото, да се пласира на една Олимпијада, иако имаа огромни шанси, посебно во овој квалификациски циклус, како никогаш досега. Имавме можеби и една од најлесните групи за да се квалификуваме, но мислам дека тука тој психолошки момент беше пресуден. Мислам дека нашите репрезентативци беа однапред отидени на таа Олимпијада, меѓутоа, со играта не го потврдија тоа на терен. Некој го посакуваше тоа повеќе од нив и сосема заслужено Тунис си отиде во Рио. Ние малку го потценивме Тунис, иако јас велам дека оваа репрезентација не е никогаш за потценување бидејќи тоа е репрезентација која игра со срце и е доволна искусна репрезентација која е присутна на сите големи натпреварувања досега.“

nace mok

ОЛИМПИСКОТО ФИНАЛЕ Е ЧЕСТ И ПРЕДИЗВИК

– Што е поразлично кога се суди натпревар на едно светско или европско првенство и натпревар на Олимпијада?

„Секое првенство си има своја убавина и своја вредност. Во ракометот можеби европското првенство како квалитет е најдобро, подобро и од светското и од ОИ, но Олимпијадата има некој посебен шарм и убавина. Целокупната атмосфера, сите спортови на едно место, најдобрите спортисти од цел свет на едно место. Тоа дава една голема мотивација да се биде дел од сето тоа. Националното чувство е врвно на еден ваков настан. Посебно за нас, затоа што ретко кој има можност да ја претстави Македонија во добро светло на Олимпијада.“

– Како се подготвувате за настапите на Олимписки Игри, има ли некои посебни подготовки што судиите треба да ги поминат?

„Нас не не вбројуваат во спортисти, но ние се подготвуваме исто како нив, некогаш и повеќе од спортистите. Ние имаме еден циклус во кој во една календарска година имаме од две до три големи натпреварувања. На сите тие натпреварувања ние имаме проверки на кои еднаш ако не си подготвен, повеќе нема ни да те делегираат. Колку си физички поподготвен толку си и психички повеќе подготвен за натпреварот и многу е полесно да го одработиш натпреварот концентрирано до крај. Ние мора 60 минути да сме максимално концентрирани. Нормално, секој може да згреши. Но, кога ќе згреши тренерот, никој не му замерува, кога ќе згреши играчот исто така, а судијата ако згреши еднаш, двапати, веднаш е во фокусот.“

– Што посакувате на ОИ Рио и дали имате некој посебен натпревар или дуел на кој би сакале да ја делите правдата?

„Секој натпревар е предизвик сам по себе. Посебно на Олимписки Игри, бидејќи на олимпискиот турнир секој натпревар е решавачки. Порано со Славе многу повеќе сме се оптоварувале со тоа што ќе судиме, дали ќе судиме финале, дали полуфинале…Верувајте, наназад 3-4 години, на тоа гледаме чисто професионално. Гледаме да го отсудиме на највисоко ниво тоа што ќе ни го доделат. Колку помалку се оптоваруваме толку е полесно за нас. Нормално дека е предизвик и дека  е чест да судиш или финале или полуфинале. Јас секогаш велам дека финалињата се најлесните мечеви за судење. Таму екипите се веќе растоварени, добиваат медал и едните и другите. Многу потешко и многу поголем предизвик се полуфиналињата или четвртфиналните мечеви. Тоа се оние мечеви на кои „се гори“ и како играч, така и како судија.“

nace slave 1

НОВИТЕ РАКОМЕТНИ ПРАВИЛА СЕ КАТАСТРОФА!

– На олимпискиот ракометен турнир во Рио официјално стартува примената на новите правила. Дали овие нови правила го прават ракометот поатрактивен за публиката?

„Прво, многу е глупаво во еден олимписки циклус правилата првпат да се применат на Олимпијада. Поглупаво нешто нема. Кога ќе се читаат теоретски правилата се катастрофа! Ние треба да направиме правила што ќе бидат подобри, што ќе бидат поедноставни, поразбирливи и што ќе го направат спортот поефикасен и поатрактивен. А, со овие нови правила, повеќе ги компликуваме работите. Позбунувачки е за публиката. Иако, можам да кажам дека во пракса не е толку лошо колку што изгледа тоа на хартија.

Ние сега имавме еден подготвителен женски турнир во Холандија на кој играа четири репрезентации и требаше токму да ги практикуваме новите правила. Има тука малку позитивни и многу повеќе нелогични работи во овие нови правила.“

nace silvio

– Што е позитивно, а што негативно …

„Единствена позитивна работа што би ја издвоил од овие новитети е синиот картон. Од тој аспект што овде ќе имаме чиста работа и јасно е за публиката –  црвен, па син картон, да се знае дека тоа е црвен картон со понатамошна процедура, и тоа е тоа.

Кај новото правило за седми играч на терен, единствена позитивна работа е што било кој играч во било кое време може да влезе како замена за голманот. Но, лошо е ако топката излезе надвор од голманскиот простор, па ти мораш да дадеш тајм-аут, да влезе голман и да изведе. Што носиме тука новитет да биде играта поатрактивна и побрза? Ние ја назадуваме! Или има правило со повреден играч. Ако јас те повредам како играч, а ти не си виновен за тоа, ти треба да излезеш три напади надвор од терен! Која е таа предност? Досега беше многу едноставно регулирано. Симулираш повреда, добиваш две минути.

Затоа велам, секогаш треба стручни лица да се консултираат за овие правила дали тренери, дали играчи, судии. Судиите практично и најмногу размислуваат за овие работи, бидејќи во денешно време има играчи кои и не ги знаат правилата, за жал.“

nace slave 3

– Кому е најтешко, а кому најлесно да му судиш во ракометот?

„Секој судија си ја води својата игра, има свој стил на судење. Во ракометот 60 двојки да судат, 60 пати различно ќе заврши натпреварот. Во однос на судењето, со скандинавските екипи дефинитивно е најлесно. Не дека кај нив нема реакции, секогаш  има, но кај нив секој си ја гледа својата работа. Скандинавските екипи и репрезентации играат атрактивен, играат брз ракомет, нема многу валкана игра и таму нема непредвидливи ситуации кои вообичаено не се случуваат. Инаку, јас и Славе сме „махери“ за ситуации што никому не му се случиле, нас да ни се случат, па да треба во одреден момент да изреагираме. Но, тогаш обично, настапува искуството и знаеме тоа да го решиме. А, сето тоа главно се должи на нашиот балкански менталитет и на искуството од оние наши натпревари на кои се случува се можно и се може да очекуваш. Така што ние секогаш го очекуваме неочекуваното и подготвени сме брзо да реагираме.“

ФРАНЦУЗИТЕ ЗНААТ ШТО ПРАВАТ, ХОЛАНЃАНКИТЕ ЌЕ ИЗНЕНАДАТ

– Кои се фаворитите за олимписките медали во Рио и може ли да се случат изненадувања на олимпискиот ракометен турнир?

„Ме радува што има изненадувања бидејќи тие го прават ракометот поатрактивен и поинтересен. Не победуваат секогаш само фаворитите. И во други делови од светот се игра ракомет и тоа се докажа и на СП во Катар. Франција имаше смена на генерации, работат систематски и мислам дека на ОИ во Рио ќе се покаже дека работат во добра насока. Фокусот на Французите ќе биде сега во Рио и во полна сила ќе бидат во јануари на СП на кое се домаќини. Французите имаат се точно испланирано и точно знаат што сакаат и како треба да биде. Сите ги подмладија репрезентациите на време, освен ние! Германците подмладија на ЕП во Полска и освоија титула. Ние играме многу стар, демоде, застарен ракомет. Тоа не се игра повеќе во Европа и во светот.

Што се однесува до фаворитите за медали на ОИ во Рио, јас би ја одбрал Франција дефинитивно, како главен фаворит. Но, не би ја потценил Германија иако играше малку послабо во подготвителниот период, потоа Данска, а исто така и Хрватска која игра добар ракомет и оди кон подобро. Тоа е тој круг на фаворити за медалите.

– Кој е фаворитот на женскиот ракометен турнир во Рио?

„Во женска конкуренција мислам дека ќе биде големо изненадување Холандија. Имаат добра репрезентација, физички се одлично подготвени и е една од најкомпактните женски репрезентации. Ќе атакуваат на медал, дефинитивно.

Ние сме повеќе на машкиот турнир, многу ретко судиме на женскиот турнир. Но, ова сепак се Олимписки игри, како што реков, секој натпревар е посебен предизвик. Не би имале ништо против да го судиме и женското финале…“

nace london2

РИО ТЕШКО МОЖЕ ДА ГО ДОСТИГНЕ ЛОНДОН

– Имате ли нешто посебно што се памети од вашиот прв настап на Олимпијадата во Лондон?

„ОИ во Лондон беа посебен настан. Тоа ни беше прва Олимпијада. Не сме биле на друга Олимпијада, но од искуството на колегите, сите потенцираа дека Олимписките Игри во Лондон беа врв за многу работи, од организациски и од секој друг аспект. Еве, на пример, ракометот кој и не е многу популарен во Англија, на Олимпијадата беше вистински спектакл. На секој натпревар беше полна салата, луѓето уживаа и беше вистинско доживување за сите. Во Лондон, така да кажам, бевме во центарот на збиднувањата, таква ни беше локацијата и тоа беше навистина едно прекрасно доживување и едно големо искуство со незаборавни впечатоци.“

– Што очекувате од ОИ во Рио и може ли Рио да го надмине Лондон?

„Искрено, не верувам. Бразил не е тоа што го замислуваат луѓето, раскош, Копакабана… Сме биле и порано во Бразил и не е баш се така сјајно како што изгледа. Позади тој рај и луксуз ги имаш фавелите каде што не смееш ни да завлезеш, каде што владее криминал и е многу опасно. Искрено, не верувам дека ОИ во Рио ќе бидат на организациско ниво толку високо како што беше Олимпијадата во Лондон.“

– Многу спортисти го откажаа настапот на ОИ во Рио поради опасноста од терористички закани или поради вирусот Зика. Има ли страв?

„Не се плашиме. Па ние и претходно сме суделе и во Париз кога беа теористичките напади и кога никој не сакаше да суди, и во Израел кога имаше свински грип и во Турција кога имаше птичји грип…  Ако нешто треба да биде, тоа ќе се случи, па дали ќе биде во Македонија или во Бразил, или на некое друго место. Наше е да отидеме и да си ја одработиме работата.“

СЛАВЕ НИКОЛОВ: ДА НИ СЕ НАСМЕВНЕ СРЕЌАТА ДА СУДИМЕ ФИНАЛЕ

„Покрај многуте отсудени светски, европски шампионати многу натпревари од Лигата на шампионите, Супер Глоуб и многу други настани, ова ни е огромно признание да бидеме по втор пат дел од најголемиот спотски настан, Олимписките Игри во Рио. После Лондон 2012, каде се покажавме во одлично светло, се надевам дека на овие ОИ во Рио ќе бидеме дел од завршницата на ракометниот турнир. Потајно се надевам дека ќе ни се насмевне среќата да судиме едно финале, бидејќи веќе го имаме искуството за еден таков настан. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло. Подготвени сме за најголемите предизвици.“

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.