ДРИБЛИНГ: Вардар – (не)заслужено! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ДРИБЛИНГ: Вардар – (не)заслужено!

Владимир Булатовиќ

Зад нас е уште една домашна клупска фудбалска сезона. Потпросечна, во која нема којзнае што да се анализира. Со два клуба кои финансиски се двојат, но место тие да го влечат квалитетот на останатите напред, нас ни се случува обратниот процес. Ако се суди по игрите на терен сезонава, и самите потонале во просекот од кој тешко се излегува…

Па, кога е така, секогаш за анализа во фокусот останува Вардар, најтрофејниот, најкритикуваниот, најомразениот и најсаканиот во исто време… А, ФК Вардар си заокружи уште една сезона со шампионска круна. Десетта во својата низа, за незаборав… И ниту една од нив случајно, и ниту една од нив незаслужено. Без разлика на бројни минати, и сегашни, оспорувања.

Почнувајќи и броејќи со онаа првата од 1987 година, интересно, „вардарци“ десетката ја заокружија низ слична „судбина“. Во 1987, во времето на Славко Шајбер, ФК Партизан со бројни соопштенија ја оспоруваше титулата на „вардарци“, па низ судски лавиринти на крајот се одлучуваше и одземаше, за да сега Шкендија „мудро“, по поразот во одлучувачкото дерби, потенцира дека „не ја признава титулата на тим кој не ја заслужил“. Во меѓувреме Шкендија, пак, силно се израдува на трофејот во Купот. Сосема заслужено. Но, исто онака како што Вардар сосема заслужено си стигна до шампионската титула.

Затоа што, да се повикате на еден офсајд како причина за да прозивате нечија „незаслужена“ заслуга, во сезона во која ниту еднаш не сте успеале да го победите конкурентот, притоа испраќајќи прозивки за нерегуларни, и нееднакви за сите, услови за натпреварување, а по само неколку денови силно да бликате во радост од освоен Куп трофеј под капата на истата организација, е во најмала рака траги-комично. И тука, темата кој, што и колку заслужил сезонава во македонскиот фудбал се затвора!

Да… ФК Вардар, онаков каков што го знаеме од минатото и каков што вистински му е потребен на македонскиот фудбал, можеби, многу работи не заслужува, но годинашната ТИТУЛА и тоа како…

  • Да… Вардар не заслужува да биде воден од фудбалски анонимци, притоа без конкретно, пред јавноста, обзнанување кој за што и како е задолжен во клубот. Па, дури и на официјалната клупска страница раководство да НЕ ПОСТОИ.
  • Да… Вардар не заслужува се уште да нема точно дефинирани европски приоритети, со „неконтролирано“ лоша стратегија околу играчките редови…
  • Да… Вардар не заслужува да има раководство кое ќе премолчи физички напад врз свои фудбалери на туѓ терен, не покажувајќи, притоа, и цврст став во одбрана на своето.
  • Да… Вардар не заслужува да го нема „Кампинг“, каков и да е, како симбол на отвореноста, како симбол на срдечноста на еден клуб кој е за и од народот. Затоа што без таа душа, Вардар не може да биде Вардар, онака однароден.
  • Да… Вардар не заслужува да има и раководство кое нема да може да заштити свои гости нападнати среде ВИП ложа.
  • Да… Вардар не заслужува да има и едвај две прес-конференции годишно, и тоа кога треба само да се прочита соопштение за да се нападнат судии.
  • Да… Вардар не заслужува да има и фудбалери-поединци кои се тука само затоа што немаат каде по Европа, а главно црвено-црниот дрес го користат за себепромоција, не почитувајќи го колективот.
  • Да… Вардар не заслужува да ја влече „опашката на ФК Миравци“, која му се остави како наследство.
  • Да… Вардар не заслужува шампионска титула да слави со 500 гледачи на трибини!

Да… ФК Вардар, како институција, некои работи не ги заслужува, но годинашната ТИТУЛА и тоа како си ја заслужи! Заради оние кои на терен гинеа за неа. Заради фудбалерите кои дома играат пред празни трибини, а на гости секаде се чекаат „на нож“. Заради тоа што, сите многу добро знаеме, дека е најнедобредојдениот клуб на секој гостински терен во државава против кој се игра до максимум, а секој бод тешко се заработува… А, на крајот, си беше најдобар. Што е право, во овој наш клупски фудбал, со квалитет каков што ни го дал господ!

vardar slavi titula

Институцијата ФК Вардар не се штити без навивачи, и без критики!

ФК Вардар е институција за македонскиот фудбал, и спорт, воопшто! Факт кој апсолутно никој, колку и да сака, не може да го негира. И, не поради бројот на шампионски титули во независна Македонија, и не поради поединецот во него кој престојува, минува па заминува, но пред се поради историјата која ја носи врежана длабоко во себе… Поради секоја капка „фудбалска крв“ и „парче трева“ која во 70-годишната историја ја оставил како темел за македонскиот фудбал, поради колективот и сите оние големи имиња кои ни ги подарил а кои никаков ’времеплов’ не ги брише…

Па, токму и поради институцијата во себе, ФК Вардар секогаш мора да биде „под лупата“ на комплетната домашна јавност. Како ниту еден друг домашен спортски колектив… Токму поради институцијата во себе, која засекогаш мора да се штити, и тоа како мора да биде подложен на критика, и од своите искрени навивачи и од јавноста во целина…

Всушност, двата клучни моменти кои ја чуваат институцијата ФК Вардар, а го издвојувале сите изминати години од се друго во домашниот фудбал, се навивачите и критиката! А, за жал, ми се чини како овој Вардар да ги губи и двата моменти… Жална беше сликата на „Филип Втори“ кога Вардар слави десетта титула во историјата, со историски срамна бројка навивачи… Тажен е и фактот дека одредени актуелни раководни структури не може да разберат дека само критиката, како коректив на сите негативности, ќе ја заштити институцијата во ФК Вардар. Но, очигледно, нивната определба е да се заштитат само самите себе во овој момент, во кој сметаат дека тие се всушност институцијата. А, определбата на македонската фудбалска јавност, пак, засекогаш ќе биде да се заштити само ФК Вардар!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.