„Кралска фешта“ во Милано: Реал на пенали до нова европска круна - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

„Кралска фешта“ во Милано: Реал на пенали до нова европска круна

„Кралска фешта“ во Милано: Реал на пенали до нова европска круна

За да дознаеме кој ќе биде нов европски шампион ќе мора да проследиме уште најмалку 30 минути фудбал меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, откако вечерашното финале на „Сан Сиро“ заврши со израмнети 1-1 по регуларните 90 минути. За разлика од последното финале на овие два тима одиграно пред две години, овојпат Реал беше тимот што во подолг период од мечот имаше водство, но Атлетико со храбра игра стигна до израмнување преку „резервистот“ Караско, откако претходно Гризман не реализираше пенал за „јорганџиите“.

Реал Мадрид делуваше подобро на стартот од натпреварот, лесно се справуваше со нападите на противниците, а во 15. минута „кралевите“ и дојдоа во водство. Тони Крос нафрли од слободен удар од триесетина метри, Бејл ја префрли топката преку себе, а на петерецот Серхио Рамос ја смести во мрежата на Облак. Фудбалерите на Атлетико бараа офсајд, ситуацијата беше сомнителна, но судијата Клатенбург покажа кон центарот.

Избраниците на Симеоне по ваквиот развој на настаните беа принудени да ја отворат играта, но до крајот на полувремето не создадоа стопроцентна шанса за израмнување. Затоа тоа се случи по само една минута од вториот дел, откако Клатенбург оправдано досуди пенал за Атлетико по стартот над Пепе врз Фернандо Торес. Одговорноста врз себе ја презеде Гризман, но францускиот ас биеше силно во гредата, на огромно разочарување на своите фанови, истовремено предизвикувајќи еуфорија кај „кралските навивачи“ на „Сан Сиро“. Ова беше втор промашен пенал на Гризман сезонава, повторно кога против себе го имаше Кејлор Навас.

„Јорганџиите“ делуваа многу поопасно откако Караско влезе во игра на местото на Аугусто, а токму по центаршутот на белгискиот крилен играч одличен волеј упати Саул Нигез, удар што за среќа на Навас заврши за малку крај неговиот лев дирек. Отворената игра на Атлетико остави простор за офанзивците на Реал, па така Бензема во 70. минута имаше можност да го реши финалето, излезе очи в очи со Облак, но од десет метри откосо шутираше во словенечкиот голман. Облак ја продолжи неизвесноста и осум минути подоцна, кога одлично го одбрани шутот на Роналдо, а веднаш потоа Савиќ ја одби топката во поле по шутот на Бејл, откако Велшанецот се ослободи од голманот на Атлетико. Казната за овие промашувања на Реал стигна во 80. минута, Хуанфран одлично продре по десната страна и нафрли кон средината, каде Караско од работ на петерецот биеше силно во мрежата, израмнувајќи на 1-1.

„Кралевите“ ја имаа најубавата шанса до регуларниот дел од средбата, повторно по прекин, откако по корнерот од левата страна Бејл скокна највисоко на пет метри од голот на Облак, но шутираше над гредата. Самата завршница двата тима ја одиграа крајно внимателно, па стана јасно дека како и пред две години во Лисабон, така и вечерва во Милано победникот нема да биде познат по 90 минути игра.

Кристијано Роналдо не беше во своето препознатливо светло, па Португалецот промаши одлична шанса и во 94. минута, кога по еден корнер за Реал се најде осамен на пет метри од Облак, но лошо ја зафати топката и таа заврши во рацете на противничкиот голман. Последната можност во првото продолжение ја имаше Гризман, но обидот за „ножички“ на „седумката“ на Атлетико заврши високо над голот на Реал. „Кралевите“ имаа идеална можност да го решат финалето во 119. минута, Марсело нафрли ниско по земја од левата страна, но Васкез непотребно ја смируваше топката и му овозможи на противничкиот дефанзивец потоа да го изблокира неговиот удар. Реал делуваше посвежо во самиот финиш, но „јорганџиите“ успеаја да се одбранат, па финалето беше решено со пенал-рулет.

Во првата серија прецизен беше Лукас Васкез, за Гризман да одговори со успешно реализиран пенал по оној промашениот на стартот од второто полувреме. Патот до мрежата го најдоа и Марсело и Габи во втората, како и Бејл и Саул Нигез во третата серија пенали. Серхио Рамос погоди за предност на Реал, која стана масивна откако Хуанфран својот удар од белата точка го смести во дирекот. На ред дојде Кристијано Роналдо, а Португалецот не ја пропушти шансата да го совлада Облак со петти удар во неговата лева страна, за единаесетта европска круна на Реал Мадрид.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.