Бедна Македонија: Не излезе момче ракомет да игра! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Бедна Македонија: Не излезе момче ракомет да игра!

Бедна Македонија: Не излезе момче ракомет да игра!

caki bile baner krakov

Македонија го одигра својот убедливо најслаб натпревар на последните големи натпреварувања, губејќи од Хрватска со убедливи 34-24 во првото коло од главната фаза во ЕП 2016. На бедата и очајот им немаше крај од првата до последната минута, освен повремените индивидуални блесоци, ништо не функционираше во нашата игра, со која „црвено-жолтите“ и не заслужија ништо друго освен убедлив пораз. Дојде и еден автобус навивачи од Скопје само за да го гледа овој меч и да им даде поддршка, но македонските момчиња не излегоа вечерва да играат ракомет. Напротив, не само што лошо почнаа туку и однапред се предадоа, на чело со капитенот Лазаров, кој во најслабиот меч во репрезентативниот дрес не постигна ниту еден гол од четири обиди да го совлада Алиловиќ, а потоа се откажа, пред да се пресели на клупата во вториот дел.

Уште од самиот почеток стана јасно дека ќе имаме огромни проблеми. Не наоѓавме начин да ја пробиеме зоната пет – еден за која селекторот говореше во текот на вчерашниот ден, Миркуловски правеше пробивања, Лазаров промашуваше, па Обрван при водство на Хрватска од 5-1 беше принуден да земе тајмаут. Работите не се сменија ниту по неговите совети, во нападот се уште имавме огромни проблеми, не заигравме потечно ниту со Прибак, а шанса на голот доби Дупјачанец, откако Ристовски прими седум погодоци од првите седум шутеви кон неговиот гол (2-7).

Ниту голманот на Металург не се прослави, до крајот на полувремето имаше само две интервенции, но барем во нападот почнавме да наоѓаме лек за одбраната. Пешевски изнуди два пенали што Манасков ги претвори во гол, прецизен два пати беше и Ѓорѓиевски, а во финишот од полувремето блесна и младиот Кузмановски, постигнувајќи два гола со кој барем малку го намали убедливото водство на противникот, па на одмор се замина со 13-17.

kuzmanovski hrvatska

Второто полувреме го почнавме со гол на Кузмановски кога имавме играч помалку на теренот, но Хрватите набрзина нанижаа три погодоци и во 35. минута повторно дојдоа до шест гола предност (20-14). Индиспонираноста беше очигледна, Лазаров ниту на стартот од второто полувреме не ја превзеде одговорноста како лидер да се обиде да ја врати Македонија во мечот. Наместо тоа, се случи тотален распад-систем, Обрван почна да тактизира со составот, ги повлече од игра и Кире Лазаров, Миркуловски и Манасков, а нашите резерви не можеа да сторат ништо повеќе за да го поправат ова очајно издание. Напротив, Хрватска го искористи тоа за да продолжи да доминира, се до конечните 34-24.

Дејан Манасков со седум гола беше најефикасен кај Македонија, пред Кузмановски со четири и Стоилов и Ѓорѓиевски со по три погодоци, додека Дупјачанец на голот имаше шест успешни интервенции. Кај Хрватска најефикасен беше Слишковиќ со шест гола, пред Штрлек и Мариќ со по пет погодоци.

Ако има нешто добро, тоа е фактот дека на „црвено-жолтите“ им претстојат три дена пауза, за да се одморат и ги консолидираат своите редови во пресрет на дуелите со Норвешка и Белорусија. А против нив, сите сакаме да ја видиме онаа стара добра Македонија, а не ова бледо издание на избраниците на Ивица Обрван.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.