Балканец ја прекинува секоја соработка со ФБСМ: Како може „Македонскиот бисер“ да биде во Скопје!? - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

Балканец ја прекинува секоја соработка со ФБСМ: Како може „Македонскиот бисер“ да биде во Скопје!?

Балканец ја прекинува секоја соработка со ФБСМ: Како може „Македонскиот бисер“ да биде во Скопје!?

Еден од најтрофејните македонски клубови БК Балканец од Штип ја прекинува секоја идна соработка со Федерацијата на боречки спортови на Македонија и нејзиниот претседател Ванчо Чифлиганец, како што велат во своето соопштение до нашата редакција, поради потценувачкиот однос кон нивниот клуб. За БК Балканец е изненадувачки како е можно Управниот одбор на ФБСМ да му ја одземе првично утврдената организација на клубот на „Македонскиот бисер 2016“, заборавајќи една долгогодишна традиција, и една од најзначајните домашни спортски манифестации да биде во Скопје.

Соопштението од Управниот одбор на БК Балканец ви го пренесуваме во целост:

После одржаната работна посета од страна на официјалните претставници од БК Балканец 2008 Штип, претседателот Марјан Атанасов и директорот Методи Сичков со претседателот на ФБСМ, Ванчо Чифлиганец, ставовите од првиот човек на ФБСМ и политиката на  раководството на федерацијата се покажаа многу погрешни и штетни кон нашиот клуб како и кон борењето во Македонија. По ова на состанокот одржан на 26.02.2016 Управниот одбор на БК Балканец 2008 Штип излезе со свој став:

Ја прекинуваме секоја соработка со ФБСМ се додека не се прифатат нашите ставови, а воедно и промена на сопствените одлуки на ФБСМ за Македонски бисер и кооптирање на членови на управен одбор од страна на БК Балканец 2008 Штип за кои веќе имаме поднесено барање од наша страна на 29.01.2016год. со бр.2016/6. Ова го сметаме потребно за доброто на борењето како во Штип така и во Македонија. Пред се ова го одлучивме поради неколку причини но ќе ги издвоиме најбитните две:

1.Немаме наши членови во Управниот одбор на ФБСМ, не е прифатено наши членови да не застапуваат во Управниот одбор на ФБСМ. Кој ќе го застапува и штити нашиот клуб во ФБСМ? Од страна на претседателот ни беше предложено еден наш член да биде САМО присутен на состаноците на Управниот одбор на ФБСМ но и НЕ да има право на глас при донесување на одлуки, што е срамно за една федерација да не овозможува на најтрофејниот и најуспешниот клуб во Македонија да креира политика за унапредување на борењето во Македонија. Управниот одбор е составен од членови на боречките клубови во Македонија, некои клубови имаат и тројца членови во УО на ФБСМ, но за жал во Управниот одбор на ФБСМ има членови кои доаѓаат од места каде што нема боречки клуб, има и членови кои не се претставници на клубовите и не ни е познато кое е нивното својство и каков интерес застапуваат во ФБСМ, а воедно тие членови не се ниту финансиери во ФБСМ. Бараме одговор што тие луѓе бараат во федерацијата?

2.Турнирот Македонски бисер 2016 година врз основа на календарот на светската боречка организација е доделен на БК Балканец 2008 Штип за технички организатор кој треба да се одржи на 10 и 11.06.2016 година во Штип.  Бараме да ни се одговори кој и зошто го постави како точка на дневен ред Македонскиот бисер на УО на ФБСМ да се одземе на БК Балканец 2008 Штип како технички организатор и во чии интерес е да се одржи во Скопје? Сакаме да напоменеме дека моментално во УО на ФБСМ има двајца штипјани Трајчо Димков и Добре Маринковски кои биле присутни на споменатиот состанок на УО и воопшто не реагирале при поставувањето на оваа точка на дневен ред, ниту дискутирале за причините за одземање на Македонскиот бисер. Се прашуваме што бараат и чиј интерес застапуваат гореспоменатите штипјани во УО на ФБСМ?

Кон овие причини ќе се додаде и непрофесионалниот однос на ФБСМ и некои раководни луѓе кои освен сопствен интерес и кариера друго ништо не ги интересира како за борачите така и за борењето во Македонија. Доказ за тоа се и последните две изборни првенства каде повеќето челни луѓе од управата на ФБСМ со исклучок на некои, не се ни појавија во салата да погледат некоја борба, а кога се има некаков интерес за лична реклама се појавуваат секаде во преден план. Некои луѓе кои беа присутни на овие натпревари дојдоа само на десетина минути за да да ги поздрават, да бидат видени и да се сликаат додека нив борењето  не ги интересира. Од овој непрофесионален однос и непрофесионална организација на ФБСМ на овие два турнири дојде и до инциденти кои ФБСМ ги замижува како ништо да не се случило, без донесување на соодветни дисциплински одлуки, кои ќе бидат како поука за во иднина да не се случуваат инциденти и подобриот нека победи на душекот додека надвор од него сите треба да бидеме пријатели и заеднички да работиме во интерес на борењето во Македонија. Борењето во Македонија последните неколку години тонејќи кон самото дно лани се формира иницијативен одбор за промени во ФБСМ каде што требаше да се извршат промени и да влезат нови луѓе кои ќе се жртвуваат за да го издигнат борењето на старите патеки, но освен на претседателското место други промени не се случија, си останаа истите луѓе кои го однесоа борењето на најниско ниво. Минатата година по промените во ФБСМ на светското првенство кое се одржа во Лас Вегас (САД) нашата репрезентација беше составена од пет борачи и преку десетина членови на стручен штаб, не се знае кој и во каква улога, но повеќето сигурно за туризам на грб на ФБСМ наместо да се вложува во борачите. Како за пример и наш револт ќе наведеме за овојнеделниот турнир Петко Сираков што се одржа во Софија каде што со непрофесионалното работење на ФБСМ беше под знак прашалник и во последните секунди се извади лиценца за настап на нашите борачи кои ја преставуваа Македонија, а лиценцата за настап мораа да ја платат клубовите. Во иднина мора да се променат многу работи за да функционираме како што треба.

Има луѓе кои се обидуваат да го згаснат борењето во Македонија, но за среќа има и такви луѓе кои од срце ќе направат се овој спорт да не згасне и ќе пробат да го вратат на старите шампионски патеки. НЕ може некој да си поигрува со борењето во Македонија и со БК Балканец Штип, ние не сме луѓе од улица, ние не сме необразовани луѓе, група хулигани и слични навреди кои се упатени на нашата адреса.

За да се запознае раководството на ФБСМ што претставува БК Балканец Штип во историјата на македонското борење, во кратки црти ќе ве запознаеме со историјата на овој клуб. БК Балканец Штип е најстариот боречки клуб во Македонија и пионер на современото македонско борење кој со своето постоење започнал кон крајот на педесетите години, кога во 1957/58год. наставникот Ристо Таков формира боречка секција, за во 1959 борењето како спорт во Штип продолжува да работи под ДТВ Партизан. Први тренери на клубот се Ристо Таков и Ристо Личнов, во 1960 година е одржано основачко собрание и е избрано првото раководство додека името Балканец официјално го добива во 1961 година. БК Балканец Штип е со најмногу титули преку дваесетина пати екипен првак во Македонија (исто така со најмногу титули екипен првак на Југославија во слободен стил). Во екипна конкуренција има учествувано на шест европски купови: двапати второ место во Купот на Европските Шампиони 1974 и 2000год., еднаш трети во КЕШ 1973год. и еднаш прво место во Европски клубски куп на ЦЕЛА во 2010.

БК Балканец Штип низ историјата има врежано многу имиња во македонското борење меѓу кои: Зоран Шоров трократен олимпиец `84 – шесто место, `88 и 92год. како и носител на два медали од европските сениорски првенства `87 сребрен и `91бронзен медал прв во самостојна Македонија, Киро Ристов двократен олимпиец `76 и `80год., Симеон Шутев првиот македонски олимпиец во 1968год., Рамиз Тефиков сребрен медал на ЕП во `65 год.,  Марјан Наумов бронзен медал на ЕП за млади `98год., Дејан Богданов сребрен и бронзен медал на ЕП за кадети во 2002 и 2003 год. како и бронзен медал на ЕП за млади во 2006, Дејан Митров бронзен медал на ЕП за кадети во 2004, многу медали на медитерански и балкански првенства постигнати од веќе споменатите борачи како и од: Добре Маринковски, Неби Јусуфов, Драги Панов, Санде Коцев, Лазар Коцев, Октај Арифовски, Иле Георгиев, Жарко Коцев, Љупче Тасевски, Бобан Данов и многу други, нека простат оние кои се испуштени и придонесоа за борењето во Македонија. Ова е еден мал дел од нашата историја за придонесот во македонското борење.

Во Штип успешно се организираат повеќе меѓународни боречки турнири, од 1994 год. се организира турнирот Киро Ристов, од 2001год. турнирот Лазар Коцев, од 2011год. турнирот Шампиони. Двапати во Штип се организира Македонски бисер во 1993 и во 2010 год.. Како докажани организатори заслужуваме оваа 2016 година како јубилејна за нашиот клуб бидејќи славиме 55 години од нашето постоењето, повторно во Штип да се организира Македонски бисер.

Спортски поздрав!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.