ИНТЕРВЈУ - ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ: Политиката ни го зароби спортот, а некадарните ни се по клубовите и федерациите! - Екипа - Екипа
ИНТЕРВЈУ - ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ: Политиката ни го зароби спортот, а некадарните ни се по клубовите и федерациите! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ: Политиката ни го зароби спортот, а некадарните ни се по клубовите и федерациите!

ИНТЕРВЈУ – ЗОРЕ ТЕМЕЛКОВСКИ: Политиката ни го зароби спортот, а некадарните ни се по клубовите и федерациите!

ЕКИПА, во годината кога слави 5 години постоење, ќе се обиде да ги доближи Европа и светот поблиску до сите нас, но и да потсети на оние кои со Македонија ги остварија најголемите успеси во изминативе години. Имаме и ние спортисти, тренери и спортски работници, кои што заслужуваат максимален респект…

================================================================

Како поранешен претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија, не го крие разочарувањето што овој спорт е доведен на „дереџето“ на кое се наоѓа во моментов. Како успешен бизнисмен, го поздравува финансирањето на општините во спортските клубови, но и посочува дека истото мора да биде далеку поплански изведено – бидејќи крајна цел мора да бидат полни трибини во салите. Зоре Темелковски е човек кој ја знае формулата за успех, како во спортот, така и во бизнисот, па како таков секогаш има што да каже како поука, за оние кои сакаат да слушаат совет од поискусни и потоа да го применат.

Главна тема во ова интервју е македонскиот спорт, поконкретно кошарката, за која Темелковски вели дека тргнала надолу од оној момент кога останала без конкретен концепт. Поранешниот претседател говори и за самото формирање на Кошаркарска Федерација на Македонија, дава свое видување за странците во мак-баскетот и недоволните шанси за младите македонски играчи, но и за несоодветното трошење на парите, кои голем дел доаѓаат од општинските буџети, значи и од самите граѓани.

Времето во кое сега живееме наметна една политизација во сите сегменти, клиентилистичкиот живот стана препознатлив и единствен за опстојување каде не се дава можноста на креативноста и успешноста на поединецот и на претприемачкиот дух. Во стартот на промените на еден општествен систем во друг, при распадот на Југославија, постоеше една социјална одговорност кај бизнисмените. Таа беше составен дел од минатиот систем, постоеше свест дека дел од општествената одговорност кон спортот, здравството… е обврска на успешните. Претприемачите, успешните бизнисмени се вклопија во тој живот, за да градат едно ново општество по осамостојувањето на Македонија. Ние го чувствувавме спортот како приоритет и правевме се за да го одржиме на едно високо ниво. Македонија паралелно со политичките промени зачекори и во спортски промени, во клубовите и националните федерации. Таа трансформација не беше нималку лесна бидејќи една спортска велесила во светски рамки требаше да се подели на седум, да се изготви едно заедничко „knowhow“ и да заземеме стратегија. Јас лично знаев дека Кошаркарската Федерација треба да се врзе за Србија, бидејќи тоа беше земја каде се раѓаа таленти, но и земја што го имаше системот на создавање на нови и нови кошаркарски генерации. Затоа направивме една програма со генерацијата која имаше направено успешна приказна во Македонија, на чело со Лазо Лечиќ и сите тие кадри го најдоа своето место во Кошаркарската Федерација“ – го почнува разговорот Темелковски навраќајќи се на минатото.

IMG_9514

Како главен проблем за македонскиот спорт Темелковски го посочува влегувањето на политиката на голема врата во голем дел од федерациите и клубовите.

Имаме еден клиентилизам каде луѓето во федерациите и клубовите опстојуваат поради политичката моќ, која е премногу инфилтрирана во системот на живеење. Политиката стана главен работодавец, главен селектор во спортовите и на се што не опкружува. Таа го уништува спортот преку уништувањето на спортските вредности „Во здраво тело, здрава мисла“. Од друга страна, ние бевме и успешни бизнисмени токму бидејќи издржливоста и визионерството како спортисти не беа далечни за нас, туку само ги префрливме во друг сегмент каде тоа треба да го покажеме – во бизнисот. Со сигурност можам да кажам дека некадарни луѓе ги презедоа клубовите и федерациите. Жалам што морам да бидам дециден бидејќи секогаш сум бил отворен и директен. Сметам дека во МКФ наназад по нашата промена, луѓето кои дојдоа направија едно „ново време“ за кое немам ништо против. Секоја генерација треба да прави нова успешна приказна, но она што мене лично ме разочарува што тие немаат никаков систем, или барем да го продолжеа системот на вредности кои ние го поставивме со самото осамостојување“ – вели Зоре Темелковски.

За да се создаде успешна приказна, потребни се успешни луѓе кои си го знаат својот дел од работата, како што беше случај со соработниците на првиот претседател на КФМ при работата со младите категории.

Zore Temelkovski - razgovorПроцесот на создавање на генерации кошаркари се состои пред се од цврст концепт. Во нашата генерација предводена од Лазар Лечиќ и со бројни кошаркарски работници во своите редови, тие беа носители на југословенската кошарка, долги години беа во неа и своето искуство само го пренесоа во мак-кошарката со самото осамостојување, па експресно станавме партнер на европската кошаркарска федерација. Кога дојде ред да се прави кошаркарската репрезентација, стручњаците определија стручни комисии – дојде до поделба Управниот Одбор се постави како надлежен за изнаоѓање средства за натпреварување, Лечиќ си го најде местото како директор во федерацијата за да прави краткорочни и долгорочни програми, а генерацијата на Ристо Ѓорчевски, на Митко Луковски и на Благоја Георгиевски Буштур се вгради во процесот на создавањето. Се состави една јуниорска репрезентација во која вложивме во тоа време 60.000 германски марки. Програмата што ни беше претставена пред УО за некои членови беше несфатлива – да треба толку пари да се вложат во младите, но резултатите кои ги правеа, со пласманот во полуфиналето на ЕП во Мадеира, се виде дека напротив, во младинската кошарка не се доволни ни тие средства, туку треба да се вложува уште повеќе“ – појаснува поранешниот предводник на куќата на кошарката.

НИ НЕДОСТАСУВААТ КВАЛИТЕТНИ, НО И ХРАБРИ, ТРЕНЕРИ

Како еден од ретките позитивни примери во мак-кошарката го наведува Работнички, и тоа пред се поради присуството на Марин Докузовски и Тодор Гечевски во најтрофејниот македонски кошаркарски колектив.

Мојот најмлад син е дел од младинската школа Работнички, тоа не е случајно. Ме радува што е дел од таа генерација за која се грижат Тодор Гечевски и Марин Докузовски, кои пак се продукт на онаа програма за која говорев претходно, луѓе кои имаат јасна визија во кој правец треба да се движи клубот. Кога разговарав со нив стекнав довербадека тие направиле од клубот што ние го кажуваме денеска – дека нема приватни школи внатре во самиот клуб, натпреварувачкиот дух и работата да бидат носители на успехот. На сениорско ниво не земаат повеќе од 2-3 странци, ја прифаќаат старата визија како верификација на нешто што било употребувано и дало успех. Впрочем, Докузовски, Гечевски и Перо Блажевски се дел од таа генерација, знаат како е створен тој успех и сега одат по тие стапки“ – објаснува Зоре Темелковски.

За дијаметрално спротивен пример Темелковски го наведува Адем Мекиќ, новиот македонски репрезентативец кој во МЗТ Скопје не добива шанса да израсне во играч сразмерно со потенцијалот што го поседува.

Гледам едно младо момче од МЗТ Скопје, Адем Мекиќ, според мене таков талент во Македонија во нашата генерација немаше. Сум бил и кошаркар и тренер, можам да ги почувствувам неговите вредности. А кај нас тоа дете, кое е голем талент седи на клупата. Зошто седи на клупа – бидејќи трите странци кои се пред него во тимот имаат пред себе јасна цел, да си ги земат платите, да си „набилдаат“ што подобри бројки и веќе следното лето да заминат во друг клуб за уште повеќе пари. Тие странци нормално дека нема да гледаат на домашниот талент со респект, бидејќи тој не влегува во нивните „шеми и математики“. Затоа тие акциите ќе ги насочат меѓу себе, Мекиќ и таквите слични на него ќе седат на клупата без да го покажат својот талент на дело, а се уништуваат и задушуваат цели генерации млади кошаркари“ – разочарано истакнува Темелковски.

IMG_9515

Еден од главните проблеми е недостигот на квалитетни, но и храбри тренери, кои ќе создадат квалитетни кошаркари, за што ќе треба и да им дадат шанса при помала возраст. Секако, и тука клучна улога ќе имаат челниците на клубовите, кои ќе треба да им искажат доверба на овие тренери, а не да ги менуваат при првата „црна серија порази“.

Во кошарката се уште постои масовност, има деца кои го сакаат овој спорт, но се соочуваме со нов проблем – немаме соодветни кадри, немаме тренери. Треба да се вратиме наназад, да почнеме прво да продуцираме сопствени тренери. И на оваа тема тезата треба да е иста како со играчите – да престанеме во нашите клубови да носиме просечни тренери од соседството, туку да дадеме поголема доверба во Македонците, да ги „фрлиме во огнот“ и да очекуваме резултати во наредните четири – пет години, тие пред се да почувствуваат сигурност, за потоа да ги покажат своите квалитети дека можат да се носат со сите останати стратези во регионот, па и пошироко. Каде го гледам дефектот – ти ќе го донесеш тренер на репрезентација , на пример последниот Раца– тој прави лична промоција и промоција на некои играчи кои му се во функција на бизнисот. Си заминува, а во биографијата му останува дека бил селектор на странка репрезентација. Кога ќе го компарираш, гледаш дека тој е и под нивото на еден просечен македонски тренер. Сведоци сме кај речиси сите македонски прволигаши, кога ќе си заминат странските стратези доаѓаат македонските помошници, оние кои претходно им се асистенти, резултатите се дури и подобри од претходно“ – вели Зоре Темелковски.

И тука се доаѓа до прашањето, по која основа се носат одлуките во клубовите, особено оние „поголемите“, кога се носат странци со сомнителен квалитет пред домашните, како во играчкиот ростер, така и на клупата. Вложувањето на општините според Темелковски е апсолутно неоправдано кога салите во тие општини остануваат празни на речиси сите натпревари на нивните екипи.

Мој став е дека спортот треба да се врати на спортистите, го поздравувам учеството на општините и градоначалниците во финансирањето. Сепак, не го оправдувам тоа. Тоа гледано од бизнис аспект е тотално погрешна инвестиција на парите на граѓаните. Затоа што ние не можеме да го преземеме МЗТ Скопје, Карпош соколи, Работнички или било кој друг клуб и да наметнеме своја визија – дека треба од парите на македонските даночни обврзници да ги исплаќаме сите тие странски кошаркари кои дефилираат во мак-кошарката, доаѓаат и си одат. Тие не го даваат крајниот резултат – не даваат полни сали. Значи, не сте ја исполниле целта – не сте направиле граѓаните од таа општина да бидат лојално поврзани за тој клуб, а токму нивните пари се тие што се трошат за плата на тие играчи. Тоа е новина што се појави по нашата генерација, ние повеќе одевме по претприемачи и спонзори и можеби затоа имавме и поголем успех, бидејќи тој што дава пари од сопствен џеб ќе има и многу пореални очекувања и појасна и децидна програма за успех. Значи сега овде во јавноста се говори за цифри од над 500.000 евра по сезона, потрошени за потпросечни играчи кои не носат ни 200 луѓе во салата“ – го детектираше проблемот нашиот соговорник.

zore temelkovski

И НА КОШАРКАТА И ТРЕБА ЧОВЕК КАКО ЖИВКО МУКАЕТОВ

Темелковски потсети на дел од регулативите додека тој беше претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија.

Ние во федерацијата кога ја правевме кошарката, кажавме дека во Македонија тренер странец може да биде само некој што претходно водел репрезентација, или пак што водел клуб со кој играл финале во европските купови. За играчи бевме ограничени на двајца странци во домашното првенство, за македонските кошаркари да имаат предизвик за максимално тренирање и посветување на спортот. Што имаме сега – тие доаѓаат, тренираат и во еден момент се разочаруваат бидејќи наместо нив шанса добиваат потпросечни странски кошаркари“.

Кампањата што владееше во изминатиот период за „врвни спортисти во федерациите“ не е нешто со што Зоре Темелковски се согласува, инсистирајќи дека за извршување на функцијата претседател неопходно е лицето да поседува пред се високи менаџерски способности.

За мене не може одреден спортист само затоа што имал добра кариера по автоматизам да добие и функција на претседател на федерација. Да се биде прв човек на федерација, прво и најважно е да има успешни менаџерски способности. Мораме да изградиме профил – менаџер, новото време бара менаџерство, не значи дека некој ако бил добар играч потоа по автоматизам е и добар претседател. Оваа функција бара други вредности, спортистот бара талент, физички предиспозиции, желба за тренинг, но за да се биде прв човек на федерација бара менаџерство и еден сосема поинаков профил. Видете го примерот на Живко Мукаетов, успешен бизнисмен, човек со визија кој обезбедува работа за многу луѓе и кој сега одлично ги постави работите во мак-ракометот. Уште и имаше доблест самиот да си поднесе оставка по неуспехот во олимписките квалификации, иако на сите им беше јасно дека тоа не е негов неуспех, бидејќи тој им ги овозможи сите услови на репрезентативците. Мило ми е што клубовите беа свесни за тоа и му искажаа едногласна поддршка за да остане, бидејќи во нашиот спорт се потребни повеќе такви претседатели“ – истакнува Темелковски.

Во период на нова кошарката турбуленција и неуспешно собрание за смена на претседателот, Темелковски смета дека е крајно позитивно што иницијативата за симнување на Петар Наумоски не вроди со плод, иако не гледа на поранешниот репрезентативец како на долгорочно решение за предводник на федерацијата.

Јас се радувам што клубовите не го сменија Петар Наумоски од функцијата претседател, бидејќи тие што го донесоа не беа сигурни и немаа релевантни показатели дека Пеце е подобар од Даниел Димевски. Нивната одлука тогаш беше донесена бидејќи Даниел не им исполнил одредени желби на клубовите. Мило ми е што Наумоски сега остана на функцијата претседател, но за мене тој не е долготрајно решение. Се што би кажал лошо на таа функција би било сфатено како некакви си фрустрации поради нелегитимната моја смена, затоа тука ќе се воздржам и нема дополнително да коментирам. Сепак, можам да кажам дека тој прави многу исправна работа со тоа што кошарката ја враќа во федерацијата, значи не може здруженијата да имаат толкава моќ за да менуваат претседатели и да ги диктираат „правилата на игра“. Здруженијата се дел од федерацијата и се технички сервис, се останато мора да биде под капа на федерацијата. Кому му се бендисува, нека игра, кому не, не мора, но мора да се постават здрави темели. Таквите примери на поставување на претседатели и сменување од истата структура која со тоа порачува „ние сме моќта“, всушност ја разнебитува кошарката и од спорт број еден ја доведе онаму каде што е сега. Тука веќе не зборуваме ни за спорт, ни за морал, дајте да направиме спортот да има една скала на успех, таа да биде референца“ – потенцира Темелковски.

IMG_9496

Многу важна работа за кревање на домашното првенство ќе претставува промената што ја најави и самиот Наумоски, од следната сезона од самиот почеток да учествуваат сите екипи, а не како досега оние кои се дел од две меѓународни натпреварувања да го пропуштат првиот дел од македонскиот шампионат.

Клубовите кои играат во европските купови мора да играат и во домашното првенство, за таа лига да има своја тежина. Што се прави сега кај нас – самото натпреварување е толку лошо поради потребите на два клуба, па сега кај останатите нема мотиви зошто да држат играчи до февруари или март. Националното натпреварување мора да биде врв на приоритетите, сите да се борат за титулата преку лига-систем, финале би се играло меѓу првиот и вториот, а не како досега по плејоф меѓу четирите најдобри екипи. Тоа е недозволиво – сега сите можат да ги чуваат средствата со февруари или март, па потоа да ги потрошат на еден двајца играчи за да се борат за титулата. И тоа е една од причините поради кои клубовите се незаинтересирани за создавање на сопствени играчи. Само со такви играчи можеме да ги вратиме гледачите во салата, бидејќи спортот се игра за нив, а не за оние кои седат по канцелариите. Луѓето кои ги даваат парите не треба да бидат критикувани и бркани, но од друга страна и истите тие луѓе треба да си ги знаат границите, а за она што не го знаат да се опкружат со луѓе кои знаат како се работи во спортот“ – посочува Темелковски.

Тој изрази големо разочарување што протекционизмот владее во мак-баскетот, и тоа уште од најрана возраст во младинските селекции.

Имавме можност да разговараме со американскиот тренер што беше доведен како селектор на нашата млада селекција пред шампионатот во Скопје, кој самиот ми призна дека не може да го состави тимот според сопствената визија поради притисокот од родителите кои биле спонзори, од федерацијата кои деца да ги земе… значи ние сме ја загубиле спортската селективност, која е една од основните начела. Тие деца знаат дека ќе одат на првенство и не се борат на тренинзи, тоа го гледаат другите и се создава ненормална атмосфера“ – открива некогашниот претседател.

За крај, тој повика на обединување на сите кошаркарски луѓе во државата, се со цел да се создаде една национална програма што би придонела да дојде до порационално трошење на парите за создавање на квалитет каков што нема ни на повидок по слабата работа во последните години.

Неопходна е програма за кошарката во Македонија, програма со која задоволни би биле и клубовите бидејќи така парите многу порационално би биле трошени, би се вложувало во иднината. Јас како поединец и луѓето со спортско искуство околу мене сме на располагање да помогнеме ако некој го побара тоа од нас, треба да исчезнат комплексите од типот „кој си ти мене да ми кажуваш“, туку да се седне, да се отворат картите и да се отвори патот за развој на овој спорт. Тоа е она кон што сите ние заедно се стремиме“ – порачува за крај Зоре Темелковски.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.