ИНТЕРВЈУ - Владимир Грбиќ: Ако Македонија сака одбојка, треба да ја ’храни’ - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Топ Вести
Ракомет
9/01/2018 17:58
Ракомет
9/01/2018 17:12
Ракомет
9/01/2018 15:55
Ракомет
9/01/2018 13:09

ИНТЕРВЈУ – Владимир Грбиќ: Ако Македонија сака одбојка, треба да ја ’храни’

ИНТЕРВЈУ – Владимир Грбиќ: Ако Македонија сака одбојка, треба да ја ’храни’

Владимир Грбиќ е многу почитувано име во светската одбојка, и секако дека многу значи кога популарниот Вања ќе дојде во Македонија да одржи семинар за популаризација на овој спорт, но и да ни ги „отвори очите“, дека треба многу повеќе да се вложува за да дојдат и посакуваните резултати. Понуди и можност за соработка со Србија, а знаеме какво педигре има нашиот северен сосед во светската одбојка.

Ветеранот се задоволи со титулата вицешампион на Турција со тимот на Фенербахче, па реши да стави крај на професионалната кариера како играч, но Владимир Грбиќ и понатаму продолжува „зад кулисите“ да ги поставува основите на спортот во кој покрај неговото име одекнува зборот легенда во светски рамки. Тоа секако е повеќе од доволен повод дел од своите размислувања да ги пренесеме и во ЕКИПА.

grbic 2„Тешко е да гледаш од страна, затоа што секогаш мислев дека како актер можеш да направиш многу повеќе. Меѓутоа сега кога работам со деца, младинци и со тренери гледам дека можеш да помогнеш за да се постават основите на системот, а тој систем може да помогне многу за поголем број на деца, играчи и тренери да се вклучат во мисијата со цел да бидат што подобри. Но, и тоа носи некоја поинаква одговорност“ – вели Грбиќ кој улогата потпретседател на Одбојкарската федерација на Србија ја презема во 2009. година.

Во негов фокус е работа со најмладите кои се заинтересирани за одбојката со цел да се постават основите на спортот за идните генерации. Но, не се плаши да ги открие и аномалиите, дека членарината што ја плаќаат децата во школите и во клубовите, не може да ја донесе најдобрата селекција. Спортот во целина, а во овој случај одбојката, стана можност за привилегираните, во многу случаи не за најталентираните.

„Одбојкарската федерација на Србија, како таква, е најуспешна во Србија, а најверојатно и единствена што функционира како што треба да функционира. Меѓутоа клубовите се во тешка ситуација затоа што системот на финансирање во спортот општо е нефунцкионален и тоа е најголемиот проблем. Федерацијата помага колку што може, барем да ги покрие основните трошоци на судиите и за одржувањето на натпреварите, но еден од главните проблеми на школите и на клубовите е тоа што зависат од членарината. На тој начин не се добива квалитет, туку имаме негативна селекција на играчи. Одбојката полека станува спорт, пред сè на привилегирани деца и не е достапна за сите. Досега во најголемите случаи децата кои се квалитетни или талентирани немаат доволно финансиски средства за членарина, а не па за опрема“ – продолжува освојувачот на олимписко злато да ги објаснува најосновните проблеми со кои се соочуваат клубовите во двете држави.

Како што велат, „лошите вести надалеку се слушаат“, па така и легендарниот одбојкар е запознаен со потешкотиите кои ги имаат и клубовите во Македонија, но и сениорската репрезентација на Македонија. Решението е очигледно – да се пренесе знаењето и искуството на искусните одбојкари од Србија преку соработка помеѓу двете федерации. Па, по успесите, да се надеваме, ќе следува и период во кој репрезентативните ’витези’ како што тој ги нарекува ќе бидат финансиски поддржани како што заслужуваат.

vanja grbic7

„Одбојкарската федерација на Македонија функционира на сличен начин како и кај нас, но разликата е во тоа што ние имаме резултати и сме многу повеќе финансиски поддржани од Министерството за млади и спорт, додека овде воопшто не е таков случајот. Мислам дека треба да се направи сериозна прекуграничка соработка помеѓу федерациите за да се пренесат нашите искуства. Постои желба и на двете страни, постои и можност. Мислам дека само тоа е правилниот начин“ – се осврнува Владимир Грбиќ на главните проблеми во двете федерации, а потоа се присети на деновите кога го носеше националиот дрес на Србија, во кој освои две олимписки злата, четири сребрени и седум бронзени медали.

Првпат за спортот дознал од неговиот татко, Милош Грбиќ, кој беше капитен на националната селекција со која Југославија го освои првиот медал на Европското првенство во 1975 година, а одлуката да започне да се бави со одбојката била релативно лесна, бидејќи како што вели тој, натпреварите ги смета за витешки борби.

„Ме однесе татко ми на еден терен за одбојка и ми даде две решенија: Или ќе згазнеш на теренот и ќе бидеш витез, или нема да згазнеш и ќе се бавиш со нешто трето. Одлуката беше лесна, сакав да бидам витез! Да се биде дел од репрезентација е нешто бесценето. Националниот дрес не може да се купи со пари. Кога излегуваме на теренот, знаеме дека тимот е тој што победува и тука нема простор за поединци. Особено ако имате јасно зацртана цел пред себе и имате желба да ја остварите. Пасијата е сè. Понекогаш човечката волја е посилна и од челик“ – заврши поранешниот репрезентативец по одржаниот семинар во Скопје.

Зборовите и искуствата слушнати од Владимир Грбиќ злато вредат. Уште да има кој да ги слушне, и да ги примени и кај нас, тогаш одбојката би можела да исчекори многу понапред, и тоа со крупни чекори.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.